Антологијата „Современи хрватски поетски профили“ објавена во издание на Здружението за наука и култура „Нова“ од Битола која, деновиве беше првично промовирана во Осиек, во рамките на програмата на збратимување на двата града Битола и Осиек. Книгата беше промовирана во амбиенталниот изложбен простор „Тврдина“ во присуство на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, претставници на општина Осиек, заменик амбасадорот во Хрватска Маја А. Балаборски, претставници на Македонското културно друштво од Осиек и други гости. Промотори на книгата беа проф. др Хрвое Потлимбрзовиќ и м-р Јулија Тешија.
– Соработката помеѓу македонскиот и хрватскиот народ има долгогодишна традиција уште од 1861 година кога е објавен првиот Зборник на македонски народни умотворби во Ѓаково со финансиска помош на бискупот Јосип Јурај Штросмаер од Осиек. Таа соработка продолжува до денес со градење на мостови на културата, истакна Тешија во пригодното обраќање и претставување на поезијата на поетесата Мирјана Стојановска.
Книгата содржи избор песни од десет хрватски современи поети од сите генерации: Ѓуро Видмаровиќ, Дражен Катунариќ, Тин Лемац, Дарија Жилиќ, Ружица Циндори, Мирослав Кирин, Валерио Орлиќ, Дијана Буразер, Анѓелка Корчуланиќ и Јулијана Тешија. Приредувачи на антологијата се м-р Мирјана Стојановска и Весна М. Велјановска, а препевот е на Татјана Ѓорговски. Изданието е поддржано од Министерството за култура на РСМ.
Со оваа книжевна манифестација се одбележа 26 годишнината од постоењето на Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци“ од Осиек.