Промоција на творештвото на Гојко Божовиќ вечер во Скопје



– Творештвото на поетот и есеист Гојко Божовиќ од Србија ќе биде промовирано вечер во книжарницата „Буква“ во Скопје. Портретот за Божовиќ го подготвил писателот Александар Прокопиев.


 

Настанот е дел од дополнителната програма на 9. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што официјално беше затворен синоќа. Промоцијата се реализира во соработка со Српскиот културен центар „Спона“.

Како што соопштија од „ПРО-ЗА Балкан“, Божовиќ и Прокопиев ќе зборуваат за предизвиците и дометот на преводот, местото и презентацијата и промоција на современата српскa литература.

Двајцата писатели ќе говорат и за еден од најголемите писатели во втората половина на 20 век, Данило Киш и ќе го промовираат и македонскиот превод на книгата „Рани јадови“. Овој превод го издаде издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.

Гојко Божовиќ e и литературен критичар, уредник и издавач. Ги издал книгите поезија: „Подземно кино“  „Душата на ѕверот“, „Песни за нештата“, „Архипелаго“, „Елементи“, „Околни божества“, „Карта“, „Тивкиот ѕвер на пладне“, како и повеќе книги есеи и антологии.

Божовиќ ги има добиено наградите „Душан Матиќ“, „Бране Цветковиќ“, „Ѓура Јакшиќ“, „Бранко Ќопиќ“, „Европа Џовани меѓународна награда за поезија“ (Италија), „Петар Кочиќ“ и „Грачаница Чартер“ за поезија, како и наградата од фондот „Борислав Пекиќ“ за есеј.

Три книги песни од Гојко Божовиќ се издадени на македонски јазик („Елементи“, избрани песни, 2010; „Околни божества: песни и хроники“, 2014, и „Мапа“, 2019), како и книгата есеи „Книжевноста и дните“ (2021).Основач е и одговорен уредник на издавачката куќа „Архипелаг“ и Белградскиот фестивал на европската литература.