Промоција на „Преобразби“ во македонскиот КИЦ во Софија


– Во Културно информативниот центар на РС Македонија во Софија деенска ќе биде промовирана книгата „Преобразби“, која е составена од поетски дела на македонскиот писател Владимир Мартиновски.


 

Ова литературно издание ќе биде претставено пред публиката од страна на издавачот Мартин Христов, од бугарското Издателство „Ерго“, од преведувачот, поетот и ликовниот уметник  Роман Кисјов, кој воедно го направи изборот и содржината на книгата, како и од самиот автор на поетските дела Владимир Мартиновски.

Книгата „Преобразби“ ќе биде претставена и на 12 мај, на Европската ноќ на литературата која во организација на странските културни центри и амбасади во Бугарија се одржува по десетти пат. Во дворот на Куќата-музеј на Пејо Јаворов во Софија, каде што ќе биде македонското читателско место, поголем број од заинтересираната публика ќе може да се запознае со поезијата на Владимир Мартиновски.

– Владимир Мартиновски (1974) е еден од најсилните претставници на средната генерација во литературата на РС Македонија – вистински ерудит и интелектуалец, повеќедимензионален творец, поет, белетрист, есеист, литературен критичар, преведувач, музичар, универзитетски предавач – професор по општа и компаративна книжевност… Автор е на дваесетина книги, од кои половината се поезија.  Вклучен е во различни антологии на современата македонска поезија. Преведуван е на многу јазици. Учесник е во бројни меѓународни литературни форуми, писателски резиденции и поетски фестивали. Тој има составено неколку тематски антологии, информираат од македонскиот КИЦ во Софија.