Пристигнати 61 ракопис за вториот конкурс за книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“


Пристигнати 61 ракопис за вториот конкурс за книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“ - МИА

Скопје, 23 јуни 2020 () – На Вториот конкурс за книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, до крајниот рок, 15 јуни 2020 година, на е-поштата на „ПЕГАЗ“ пристигна 61 ракопис.


 

Како што информираат од иуздавачката куѓа, во следниот период ракописите ќе ги оценува тричлена стручна жири-комисија во состав: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска (Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), писателот Давор Стојановски (добитник на награда „Роман на годината“ за 2016 година) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).

Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“ изрази задоволство што и оваа година конкурсот на „ПЕГАЗ“ предизвика голем интерес кај домашните автори.меѓу кои има нови таленти, но и етаблирани писатели

– Ова издание е особено значајно и е предизвик за нас како организатори, бидејќи се одвива во поинакви и потешки услови, поради актуелната пандемија на вирусот корона, кога условите за работа и творење се отежнати. Но, пристигнатите повеќе од 60 ракописи, влева оптимизам дека креативноста не познава препреки. Впрочем, во светската книжевна историја се покажало дека во (само)изолација се создадени некои од најзначајните литературни ремек-дела, вели  Бугариска,

Наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 30 септември 2020 година.

Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ и треторангираните романи. Покрај предусловот ракописите да бидат досега необјавени, услов беше романите да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои требаше да ги достават во електронска форма (во ворд или во пдф-формат).

Фондацијата „Славко Јаневски“ и „Арс Ламина“, по вторпат го организираат изборот за необјавен роман за деца или возрасни, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр.

-Уште кога започна глобалната здравствена криза апсолутно беше јасно дека светот барем извесно време ќе биде многу поинаков од оној што до скоро го познававме. Многу слободи се ограничија и уште се ограничени, меѓутоа она што го научивме е дека слободата на духот и натаму ќе остане неограничена. Се разбира дека наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман е само мал придонес во потврда на оваа теза. Мал, ама нескромно ќе кажам, прилично значаен…Наградата „ПЕГАЗ“ го демантира и врежаното мислење дека културата и уметноста се некаков шлаг, некаков додаток на животот. Не, тие се есенцијата на човековиот живот и како такви треба да се третираат и така да бидат општествено прифатени.Верувам дека ако повеќе се направеше за промоција на овдешните културни вредности, а особено на т.н. жива култура, ние многу полесно ќе ја поминевме оваа корона-криза, вели меѓу другото авторот и новинар Ѕвездан Георгиевски, од фондацијата „Славко Јаневски“.

На минатогодишното, прво издание на „ПЕГАЗ“,во конкуренција од пристигнати 77 ракописи за победник беше избран романот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук, кој беше објавен  Деновиве од печат излезе и романот „Курвински хроники“ од Александар Русјаков, кој беше меѓу позитивно оценетите ракописи од првиот конкурс.