Премиера на „Петтото годишно време“ во Велешкиот театар


– На големата сцена „Петре Прличко“ на Народниот театар „Јордан Х.К.-Џинот“ во Велес, во сабота со почеток во 20 часот, во рамките на свеченото затворање на „Рациновите средби“, премиерно ќе биде изведена претставата „Петтото годишно време“ по текст на Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, а во изведба на балерината Олга Панго.


 

Како што информираат од велешкиот театар, „Петтото годишно време“ е магистерска претстава по театарска режија на Васил Зафирчев, под менторство на проф. Дејан Пројковски на Факултетот за театарски уметности на Универзитетот „Еуропа прима“ во Скопје. Танцтеатарски моноперформанс кој ги истражува и имплементира авторските и уметничките постапки од постдрамскиот театар и танцтеатарот.

Сценографијата, видеото, илустрациите и рекламниот материјал за претставата се на Филип Коруновски. Костимографијата е на Раде Василев, а автор на аудиодизајнот и музиката е Сашко Костов.

„Петтото годишно време“ е претставата за една балерина на 73 години, сместена во старечки дом, која иако боледува од Алцхајмерова болест, грчевито се бори да ги евоцира и оживее најзначајните моменти, настани и случки од нејзиниот живот, со цел да стигне до нејзиниот вечен сценски момент, кој практично ќе значи и нејзина конечна физичка смрт.

Првата реприза на претставата е на 16-ти јуни, а на 24-ти јуни претставата ќе биде изведена и во рамките на фестивалот на монодрама во Битола.