Подготовки за премиерата на претставата „9“


 Подготовките на премиерата на драмата „9“, навидум лесно четиво, но сепак тешко за актерите. Претставата е со силни пораки кои на публиката ќе и го променат начинот на размислување за други малку посериозно нешта. Актерите за МИА посочуваат дека овој текст посебно не засега нас Македонците, нашата сегашност и иднина. Сега тие во текстот за претставата, се само безимени маж и жена.


 

Како новинар во изминатите години сум била на многу претстави и премиери во театар, но само еднаш сосем на кратко сум ѕирнала во собата за подготовки, првично читање на текст додека се подготвувала премиерна претстава .Тоа беше во големата просторија на стариот велешки театар.

Овој август 2021 жешко лето на покана на независната театарска прудукција 9 – ка, екипата составена од текстописецот Гоце Ристивски и актерите Благоја Чоревски и Елизабета Стефановска во климатизирана просторија за проби на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ секој ден по неколку часа напорно имаат проби.

Неочекувано јас се наоѓам среде првични подготовки за нова премиера „9“. Седнувам на долгата маса за проби, а додека актерите во занњс го учат текстот за преставата во присуство на авторот на текстот Гоце Ристовски кој им помага во подготовките.

Текстот е навидум лесен, но со силни пораки кои ве тераат да размислувате и пак да размислувате за конечно да сфатите дека треба да промените многу нешта кај себе и околината.

Текстот е толку интересен, а јас како единствена публика уживам додека пред мене се менуваат репликите мажот-жената, жената-мажот, на двајцата актери, на искусниот Благоја Чоревски и млада одлична актерка Елизабета Стефановска.Таа родум е од Крива Паланка, Академија завршила во Софија, а работи во Народниот театар во Охрид. Елизабета која првпат ја запознавам ме воодушевува со изведбата на текстот во кој е внесена со многу елан и енергија и занес.

Јас сум воодушевена од текстот и изведбата и пресреќна што сум почестена – прва како публика да присуствувам на оваа проба. Од сцена во сцена расте динамиката на дејството и се кулминира како што се ближи крајот на претставата.

Премиерата на „9“ на сцената на велешкиот театар екипата ја планира некаде во октомври, најавува за МИА авторот на текстот Гоце Ристовски.

Инаку, првата премиера на „9“ тој ја постави во 2016 година на Големата сцена на Културниот центар во Нови Сад, Србија.

Благоја Чоревски во улогата на мажот во „9“

Познатиот македонски актер Благоја Чоревски во разговорот за МИА најпрво се заблагодари на Сашо Димоски в.д директорот на НУЦК „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ што им овозможил да работат во одлични услови на новиот театар во климатизирана просторија среде пеколни летни горештини.

Тој се потсети дека кога работел во старата театарска зграда на велешкиот Народен театар кога надвор било минус 15, внатре било минус 25, а условите за работа биле многу тешки. Но, тие сепак работеле со голем ентузијазам и салата на стариот велешки театарот секогаш беше полна со бројна публика.

– Овој текст е прекрасен и жал ми е што првично е одигран во соседна земја, а не во Македонија.Овој текст на „9“ е едно посебно доживување мое и на колешката се надевам. Писателот тука не го ставам бидејќи негово е да го напише текстот, но сепак текстописецот Гоце Ристовски цело време е тука со нас на пробите и ни помага и во дотерување на текстот и во дообјаснување за некои работи. Но, во секој случај ова е едно прекрасно дело на овие мои „млади“ години. Ова драма ме враќа назад кога бев многу „стар“ од почетокот на мојата кариера и затоа ова е само едно дијамантче на целиот тој прстен кој никогаш нема да биде зваршен, но сепак е едно од тие дијамантчиња кои ќе стојат, потенцира Чоревски.

Додава дека многу му е кеиф што со колешката Елизабета соработуваат одлично иако ова им е прва заедничка претстава, а со Гоце одамна се знаат како другари-пријатели.

– Ние во „9“ сме една фамилија: таткото, синот и ќерката. А и овде во просторијата каде е пробата на претставата на слика го има мојот кум- Петре Прличко, вели со насмевска Чоревски.

Тој ни појасни дека текстот го чувствува интуитивно и верува дека и колешката Бети така го чувствува. Ние како актери, вели, некогаш сме му чудни на писателот што го напашал за некои пронаоѓања внатре во текстот за кои што ни самиот мислел дека звучат така. Тоа е факт и пробите се заради тоа да стигнеме до најдобрата варијанта што ни ја дава текстот. Оти тој не е само завртија ја страницата, пред да ја завртиш внатре има многу чувства, многу радости и таги,многу зближувања, појаснува Чоревски.

„9“ ќе биде еден убав поклон за велешката публика.

– Јас сум роден во Велес и сум Мегданско дете и секое мое доаѓање во Велес ме радува.Не сум живеел во Велес,само како дете сум растел додека била жива баба ми, стрина ми и стрико ми Благој.Но има нешто кое не се објаснува, тоа го добиваш. Секое мое тргнување од Скопје кон Велес е посебно. Сум кажал дека имам четири града во кои сум оставил и ми дале. Велес во кој сум се родил, Скопје во каде живеам денес, Битола во кој сум растел и Софија во која сум завршил Академија, појаснува Чоревски.

Додава дека тоа знаење, доживувања, младости, среќа, радости и тага собрано од сите градови успеал да ги пренесе во неговата професија.

– Посебно ме радува што во овој текст има многу работи кои мене ме враќаат во некои сеќавања, потенцира со носталгија актерот Благој Чоревски.

Елизабета Стефановска во улогата на жената во „9“

Таа вели дека првпат работи во велешкиот театар и дека тоа и претставува вистинска среќа и уживање.

-Тој што не го споделува нашето мислење мислам дека е несреќен човек. Среќни сме што работиме овде. Благодарност до в.д директорот Саши Димоски и мојата благодарност до мојот колега Благоја Чоревски што ми ја даде оваа можност да играм со него.Првпат работиме заедно, меѓу другото ние сме од иста школа и така се запознавме иако сме различни генерации. Двајцата имаме завршено на АТФИС –државната Академија за глума во Софија, а се запознавме во Скопје. Но тоа некако не сврза и многу одамна сакавме да работиме заедно. Гоце го напишал текстот, ништо не е случајно Чоре во Драмски еднаш ми го даде текстот да го прочитам и ме воодушеви. И уште тогаш си реков да ама ова ќе биде многу тешко. Ова не е секојдневен текст и не едноставен ниту да се направи,ниту да се прифати од публиката, се зависи како ние тоа ќе го сервираме, појаснува Стефановска.

Таа потенцира дека текстот и нив ги обврзува како актери, а и публиката ќе ја обврзе да размислува на едни други нешта малку посериозно, иако овој текст нас ни е близок, затоа што не допира.

– Ние сме Македонци,овде станува збор за нас Македонците, на повеќе места ние сме маж и жена безимени,доволно кажавме, потенцира Стефановска.

Таа му се заблагодари и на текстописецит Гоце Ристивски што се согласил да биде дел од проектот,бидејќи иницијативата била на Чоре.

– За мене ова е едно свежо,ново интересно преживување.Ова е текст којшто го работам со огромно уживање и велешкиот театар е место каде што би сакал да работи секој еден млад актер и со луѓе со какви што работам јас, потенцира Стефановска.

Текстописецот Гоце Ристовски за „9“

Драмата „9“ освен на македонски јазик е објавена и на руски, бугарски и на српски. Веќе е преведена и на англиски, a се работат преводи на скоро сите јазици од поранешна Југославија: на словенечки, на хрватски, бошњачки, црногорски, а разговарам и за превод на албански јазик, најави текстописецот Гоце Ристовски.

Самата книга „9“ содржи четири преводи 4X9

– Бројот 9 е последниот едноцифрен број, после него се веќе двоцифрените броеви и во таа смисла бројот 9 означува крај на еден свет и почеток на некој друг свет. Тое не е нешто што е непознато од дамнина и тоа е влезено и во народните традиции и творештва. Ние имаме и во нашите песни „Мост ми ѕидале 9 мајстори. Пример во соседните земји балкански кога отишла војската на Косово во таа војска имало 9 југовиќи. Бројот 9 е најголема симболика во таа смисла. Мајката го носи плодот 9 месеци и тој потоа од еден таков свет преоѓа во друг свет. Небото се дели на 9 ангелски хорови, уметностите ги штитат 9 музи, Бетовен напишал 9 симфонии, а Данте зборува за 9 кругови на пеколот. Значи многу е силна таа симболика што наједноставно, велам, значи крај на еден и почеток на еден друг свет, појаснува текстописецот Ристовски.

Тој заклучува дека идејата е дека овој свет во кој ние живееме му доаѓа крајот и како што има и неколку реплики во самиот текст, дека многу цивилизации изумреле се самоубиле.

– Или да се потсетиме на мислата на Јунг кој вели дека човештвото забрзано ита кон сопственото самоубиство,потенцира Ристовски.

Тој појаснува дека ова на некаков начин е обид да се реконструира историјата на нашата човекова цивилизација. Воедно на некаков начин да се постават неколку можни прашања и идеи за нашата иднина на човековата цивилизација.

Антоанела Димитриевска