Почина актерот Владимир Ендровски-Љац

lats.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Денес на 60 години почина актерот Владимир Ендровски-Љац. Веста ја објави Македонскиот народен театар (МНТ).


„Замина нашиот колега Владимир, нашиот пријател Љац, ненадминливиот актер и препознатлив лик на театарската сцена и телевизискиот и филмски екран – единствениот Владимир Ендровски. На сцената и воопшто во театарот, телевизијата и филмот кај нас остана огромна празнина која Ендровски ја исполнуваше со својот карактеристичен излив на емоции, маестрално подготвени улоги, и умешноста и огромна експлозија на енергија која ја пренесуваше од сцената кон публиката. Остана да сведочат филмовите и сериите за неговиот талент, ѕвездата која ја носеше и разбирливоста и лесното пренесување на ликовите кои ги имаше во себе“, велат од МНТ.

Ендровски е дипломец на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Љубиша Геогиевски во 1991. На сцената на МНТ официјално е од 1993, иако како актер се појавува во претстави и пред дипломирањето. На сцената на МНТ ги оживеа и ги направи незаборавни: Далавера змејот во „Рекламна бајка“ (1989), Дромио од Сиракуза во „Забуни“ (1989), Уплавот во „Мир“ (1993), Целе Бумба во „Женски прилог за ноќта“ (1993), Борис во „Буре барут (1994), Манилов во „Мртви души“ (1994), Јован Ангел во „Лепа Ангелина“ (1995), Спасе во „МКС“ (1995), Д-р Алојзие Зилбербрант во „Глембаеви“ (1996), Макрото во „Едмонд“ (1997), Младичот во „Маме му ебам кој прв почна“ и уште многу други. Зад Ендровски останаа секогаш препознатливи филмски и тв ликови: Дино во серијата „Трст виа Скопје (1990) (за која ја има добиено и награда на ревијата „Екран“ за најдобро филмско актерско остварување), Трајче во „Пред дождот“ (1994), Доре во „Преку езерото“ (1997), Безимениот во „Збогум на 20-от век“ (1998).

Од МНТ велат дека времето и датумот на погребот дополнително ќе биде објавено.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK