„Пејзажни фасцинации“ изложба на Атанас Атнасоски во Прилеп


Во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп е поставена изложбата – инсталација „Пејзажни фасцинации“ од прилепскиот уметник Атанас Атанасоски.


 

Прилепчани имаат можност да проследат интересна изложба, која е дел од програмата за работа оваа година на Центарот за култура „Марко Цепенков“, поддржана од Министерството за култура.

Уметникот Атанас Атанасоски, кој од рециклирани материјали реализира изложби – инсталации, деновиве повторно се претставува со ново дело во ликовната галерија од Центарот за култура. Овојпат, тоа е инсталацијата „Пејзажни инсталации“, а идејата за реализацијата на проектот е продолжение на претходните, кои имаат за цел да ја бараат естетиката на хармонизирање на соживотот помеѓу природата и човекот.

– Изложбата нуди можност за пристап кон уметничкото изразување, кое, поради растечките еколошки и социјалните проблеми, станува сѐ порелевантно и социјално ангажирано. За жал, во последно време пластиката за еднократна употреба е дел од нашето секојдневие, количествата од овој отпад постојано се зголемуваат и сериозно ги загрозуваат почвата и водите. Рециклирањето и воспоставувањето системи за управување со пластичен отпад е од витално значење за заштита на животната средина. Се надевам дека мојот проект за кој користам употребени пластични шишиња, ќе потикне решение за овој глобален проблем, вели уметникот Атанасоски.