Отворена 59. Меѓународната струмичка ликовна колонија


– Со отворање изложба на избрани дела од Меѓународната струмичка ликовна колонија синоќа во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“ беше означен почетокот на 59-то издание на оваа реномирана уметничка манифестација, една од најстарите во земјава и Балканот.

 

 

Колонијата за отворена ја прогласи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, а за значењето на изложбата и Ликовната колонија говореше Александар Филев, раководител на Уметничката галерија.

-Традиционално во последните 15 години отвораме изложба на самостоен автор, но годинава одлучивме да биде изложба од избрани дела од збирката на Меѓународната струмичка ликовна колонија. На изложбата се поставени дела од познати и еминентни автори од земјава и странство, кои учествувале на колонијата и кои оставиле голем белег не само на колонијата, туку и за развојот на современото македонско ликовно творештво, како што се Трајче Јанчевски, Стојан Пачоов, Танас Луловски, Глигор Чемерски, Ана Темкова, Менде Ивановски, Владимир Ѓоргиевски и уште многу други автори чии дела се изложени, рече Филев.

Досега на Меѓународната струмичка ликовна колонија учествувале над 1.400 уметници, кои создале 2.750 дела.

Годинава петнаесет ликовни уметници од земјава, Хрватска, Чешка, Србија, Црна Гора и Бугарија до 15 овој месец ќе ги создаваат своите нови дела на 59 издание на Меѓународната струмичка ликовна колонија, која се одржува во просториите на Уметничката галерија во Струмица.

И годинава се организира мозаичката работилница, која е основана пред 29 години од страна на професорот Газанфер Бајрам и работи во состав на Колонијата.

Делата од годинашната Меѓународна струмичка ликовна колонија ќе бидат ставени на показ на јавноста на изложбата на 11 септември, на Денот на ослободувањето на Струмица.