Имате уникатна можност да патувате преку магијата на филмот, да ги изразите вашите идеи и да го споделите со вашите блиски она што ќе го искусите и научите тука. Не престанувајте да сонувате, оти соништата се остваруваат. Пред сѐ, забавувајте се – им порача синоќа на младите Џифонци Андреа Силвестри, амбасадорот на Република Италија на отворањето на 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ во киното „Милениум“. Млада публика го запоседна гледалиштето во киното, а уживаа и во проекцијата на филмот „Вратената“ на Џузепе Бонито, снимен според роман којшто е преведен и на македонски јазик.
Амбасадорот Силвестри се потсети како пред три години за прв пат се качи на сцената пред учесници на фестивалот, во 2021 година во време на пандемијата, кога капацитетот на салата беше 30 отсто.
-Тогаш глетката од бината беше многу поинаква. Среќен сум што гледам полно среќни лица со големи очекувања и соништа. Годинава славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Италија и Северна Македонија, и по тој повод имаме серија настани од најразлични области – литература, музика, гастрономија… Без сомнеж, една од тие области е филмот. Филмот го славиме преку Џифони, за што сме му благодарни на Клаудио Губитози, кој пред 53 години го креирал фестивалот, а пред 11 години го избрал Скопје за да го прошири и надвор од Италија. Амбасадата ќе ја организира и традиционалната Недела на италијанскиот филм на пролет, а во ноември ќе имаме ревија филмови од фестивалот во Венеција во киното „Синеплекс“. Јас сум убеден сме дека уметноста и култураат имаат голем потенцијал и затоа со задоволство го поддржуваме Џифони кој ги поттикнува младите на креативност и критичко размислување – посочи Силвестри.
Среќни сме што сме во полн капацитет, имаме убава програма, а сето тоа е возможно благодарение на нашите бројни институционални и приватни поддржувачи. Но, главната поддршка доаѓа од вас, младите. Дружете се и многу добро да се забавувате – им порача на џифонци, Дарко Башески, директор на фестивалот.
Програмскиот директор на фестивалот, Деа Крстевска ја издвои новината на фестивалот годинава, а тоа е програмскиот сегмент ЕПИК, што е поддржан од Министерството за надворешни работи на Италија. -Станува збор за проект што сака да покаже дека уметноста е совршена алатка реку која можат да се пратат важни пораки од и кон младите, пораки за мир во регионот и во светот и пораки против насилство и дискриминација на каква било основа. Но дружејќи се со вас деновиве, се уверивме дека и нема потреба да ве подучуваме за овие вредности, вие веќе ги чувствувате за свои и ги споделувате. Овој фестивал има едукативен карактер. Но и вие имате што да ги научите возрасните. Затоа, употребете ги креативните вештини што ќе ги стекнете на работилниците за да им покажете на сите дека наследените конфликти и предрасуди што ги наметнува општеството не се дел од вашата иднина – рече таа.
Утрово стотици средношколци се упатија кон Младинскиот културен центар, каде што им започнува програмата. Ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе ги започнат своите работилници, а во 17 часот ќе следува средба со тимот на популарните Filmthusiast.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и бројни институционални и приватни поддржувачи.