Осмата сесија на Филмската училница посветена на анимираниот филм


Под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева, учесниците на осмата сесија на Филмската училница разгледуваа идеи и дефинирање на сценаријата што ќе ги реализираат како видео-етиди.



Како што соопштија од Кинотека на Република Северна Македонија, предавањата на осмата сесија биле фокусирани на анимираниот филм.

-Учесниците најпрвин имаа можност да погледнат пет наслови на автори од познатото Студио за анимиран филм на „Вардар филм“ од неговата „златна ера“ – седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век. Се работи за наградуваните анимирани филмови ЕМБРИО No. М (првиот македонски анимиран филм) и АДАМ (5 до 12) на Петар Глигоровски, потоа ОТПОР на Боро ПејчиновРАКА на Дарко Марковиќ и АПАРТМАН на Афродита Марковиќ, се вели во соопштението.

Учесниците биле дел и од филмската работилница со авторите на анимирани филмови од новата генерација, Жарко Иванов и Крсте Господиновски, вонреден професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕВРОПА ПРИМА (ЕСРА).

Проектот е финансиран од Министерството за култура. Во неговата реализација учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Александар Василевски, Тихомир Кашмицовски, Игор Старделов, Стојан Синадинов…