Од денеска почнува МОТ со претстави во живо и онлајн прикажувања




 

Од денеска до 3 декември ќе се одржи 45-то издание на Младиот отворен театар (МОТ), со претстави во живо и фестивалски онлајн претставувања.

Ќе бидат претставени 12 продукции во домашна продукција, како и театарските куќи од Словенија, Србија, Грција и Хрватска.

45-от, за прв пат хибриден Млад отворен театар ќе се случува на три сцени – онлајн во домовите, Младинскиот културен центар и Универзалната сала.

Цената на билетите за претставите во живо 300 денари, а онлајн претставите се бесплатни, но неопходен е билет, бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.

Во десет фестивалски вечери, ќе се гледаат три премиери, „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат, перформансот „Screensaver“, развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.

24-28 ноември

*ПРЕМИЕРА* „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ | 19:00 | Универзална сала

Фестивалот се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019). „Универзална во пламен“ е перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Човекот што уживал во очајот, очајот кој станал популарен со песните на Шарл Азнавур. Ова е и есеј за Азнавур, познат на скопјани по неговата песна што требало да биде пуштена на Радио Скопје утрото на 26 јули 1963 година. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши. Претставата ќе има 5 премиерни изведби од 24 до 28 ноември.

25 ноември

„Траги од Антигона“ | 20:00 | онлајн

Втората вечер е резервирана за гостување од Атина со стрим на претставата „Траги од Антигона“ во режија на Ели Папаконстантиноу (ОДЦ ансамбл). Грчката режисерка препознатлива по мултидисциплинарните перформанси со различни уметнички форми, по многу светски фестивали и освоени награди, ја користи состојбата со коронавирусот за нова креација. „Ние, жени од различна возраст и уметничко потекло, ги споивме гласовите за да ја пресечеме сторичноста на полот, да ги конфигурираме домашноста и дигиталниот простор. Во нашите домашни затвори, ја истражуваме огромноста на јавните агори; врамени во дигитални кутии, ние остануваме транспарентни за целиот свет да ѕирка кон нас, сепак, безбедни во засолништето на нашиот најголем приватен простор (за разлика од другите жени – жртви на семејно насилство). Еве кои сме: „Отсутните девојки“, во спомен на сите жени пред нас. Исто како и нашите мајки и „сестри“, ние ја користиме изолацијата во наша корист за да ги навеземе античките траги од Антигона како дел од нашата лоза. Исто како и жените пред нас, ние правиме уметност во изолација. Само овој пат излегуваме во јавност!“ „Траги од Антигона“, пребојување на античкиот мит за Антигона, доаѓа како непосреден одговор на глобалното затворање поради коронавирусот и тековниот дијалог за тоа што значи присуството (и отсуството). За прв пат во поновата историја, изолацијата веќе не е женска состојба. ОДЦ Ансамбл во круг на жени истражи целосно нов изведувачки јазик што можеме да го наречеме „театар на изолација“.

26 ноември *ПРЕМИЕРА* „Screensaver“ | 19:30 | онлајн

Следната премиера ја гледаме онлајн. „Screensaver“, танцување во идната носталгија. Интернационална танчерска екипа, епизодично структурирана кореографска серија, дел од истражувањето „КО-серии“, која по уметничкиот престој во Брисел, Стокхолм и Скопје, започнува со премиера на МОТ. „Screensaver“ се појавува како танцувачка практика, но всушност е ТВ поп-шоу или само апсурдно видеорекламирање, кое го носи со себе танцовата архива од 60-тите, 70-тите, 80-тите и 90-тите години. Архивата „Screensaver“ отвора спекулативен простор на минати временски линии што поинаку се занимавале со танцот, простор да коегзистираат истовремено во денешната перцепција на танцот и кореографијата. Просторот каде што може да се доживее танцот што се играл илјада пати, или сеќавањето на некој танц што е виден многу пати и сите го носиме во себе, конечно може да биде доживеан; простор за танц на идна носталгија, простор за танц и кинетички задоволства. Пристапот отвора простор за задоволства во доживувањето на танцот и кореографијата како кинематографска меморија на нашите тела. Перформансот „Screensaver“ е развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата.

27 ноември „Полковникот птица“ | 18:00 | онлајн „Ајхман во Ерусалим“ | 20:00 | онлајн

Сцените на Театар Гостивар и ЗеКаеМ Хрватска се онлајн домаќини на четвртиот ден на МОТ, кога гостува НУ Гостиварски театар – најновата театарска институција кај нас. „Полковникот птица“ е нивна трета претстава, прва на македонски јазик.