Објавен зборник на трудови Популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско



Објавен зборник на трудови Популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско - МИА

Скопје, 11 август 2020 () – Објавен е зборникот на трудови Популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско во издание на Институтот за македонска литература од Скопје.

Зборникот, стои во денешното соопштението од Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, треба да поттикне повеќе нивоа на културолошки перцепции за вековното врамување на духовните и на творечките вредности, што се пренесуваат во современата согледба за традицијата на определен простор – препознаени и доживеани како културно наследство.

– Секако дека од неговата содржина ќе се согледуваат актуелните погледи за истакнување на позитивни примери од практиката во заштитата на културното наследство во Скопје и во скопскиот регион, за развивањето свест за неговото исклучително значење, како и за негова афирмација. Но ќе останат предупредувачки и препораките до институциите од областа на културата, до градот Скопје и локалната самоуправа, како и до владините институции и до пошироката културна и туристичка јавност, да се сочува и да се негува културното наследство како колективна историска меморија и како современа афирмирана културна препознатливост, се наведува во соопштението.

Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, информираат, во континуитет презентира интерактивни форми на промовирање и афирмација од богатите достигнувања на неговата примарна научноистражувачка дејност, со која најдиректно се поврзани и културолошките студии во книжевноста во втор циклус и културолошките студии и македонистика во трет циклус на студирање.

Во таа насока, се посочува, интерактивен однос организираат и професорите и научни советници од Одделението за македонска средновековна книжевност, во чиј домен на научноистражувачка и високообразовна дејност тесно се поврзува културното наследство, неговата заштита и афирмација, како и македонската културноисториска, писмена и книжевна традиција во контекстот на глобалните историски и современи процеси.

– Токму една ваква иницијатива од професорите во односното Одделение вроди со активирање Проект од областа на културата од јавен интерес за градот Скопје во 2019 година: „Популаризација на културното наследство во Скопје и скопско“. Прифаќањето на овој Проект на Институтот за македонска литература од страна на градот Скопје натаму треба да поттикне можност и за градење на проактивен партнерски однос, при што веќе интеракцијата оди во таа насока, се подлвекува во соопштението.

Во тековната 2020 година материјално е поддржано печатењето на Зборникот со научни и културолошки трудови презентирани на, информираат, оддржаната конференција од претходната година, а се поткрепи и поддршката за новиот Проект од областа на културата од јавен интерес за градот Скопје: „Културниот туризам во афирмација на културното наследство во Скопје и скопско“.

Зборникот што се печати како посебно издание под наслов Популаризација на културното наследство во Скопје и скопско ги содржи научно-културолошките презентирања на Конференцијата организирана и одржана во Институтот за македонска литература во Скопје на 11 април во 2019 година, како програмски дел од погоре споменатиот Проект. Во неговата содржина, се појаснува во соопштението, се засведочуваат продлабочените истражувања и културолошки погледи за вековното културно наследство од овој простор на Македонија, што натаму треба да послужат како нови проширени проследувања и културолошки согледувања.

– Објавувањето на Зборникот има и применета цел да служи како прирачно средство за интерактивно и мобилно функционирање во рамките на магистерските и докторските студии. Токму во таа идејна насока и со таквата цел на реализација беа вклучени и учесниците на Конференцијата интердисциплинарно да ги презентираат своите научноистражувачки и културолошки погледи и расправи, што најдиректно ќе бидат во функција на популаризацијата на културното наследство во Скопје и скопско. За ваквиот тип на програмска организираност секако дека се имаше предвид изборот на учесниците да биде потесен, но на преден план беше карактерот на нивната структура: истакнати научни истражувачи и професори од потесната област на тематската поставеност на Проектот, но и поранешни магистранти и докторанти чиишто дисертации беа од областа на културното наследство со неговата афирмација и заштита – а кои академски ги бранеа на студиите од втор и трет циклус во Институтот за македонска литература, наведуваат во соопштението од Институтот.

Во содржинската структура на Зборникот и научното редактирање е посветено на основната цел, технички да се подредат застапените прилози според функционалноста на неговата натамошна примена: стручната слоевитост на поздравните обраќања, културолошките погледи на мобилноста на поканетите учесници и проектната интеракција на двајцата предметни професори од потесната област во Институтот за македонска литература.

На тој начин, појаснуваат во соопштението, практично се демонстрира и методологијата на функционалните форми на мобилноста и на интерактивното насочување за студирањето на втор и на трет циклус студии при предметните модели од областа на културната, духовната, книжевната и на писмената традиција.

– Интерактивниот однос на програмската реализација на Проектот беше уште понагласен и со научниот престој во познатиот средновековен духовен и книжевен центар Марковиот манастирот „Св. Димитрија“ во скопско, реализиран на 12 април во 2019 година. Таму теренско научно предавање за архитектурата, фрескосликарскиот ансамбл и за иконографијата во храмот на Марковиот манастир одржа проф. д-р Сашо Цветковски од Истражувачкиот центар за културно наследство при МАНУ во Скопје, а за основната историска и духовна традиција на манастирот со современите состојби од монашкиот живот на сестринството свое излагање имаше игуманијата, сестра Илијана, стои во соопштението.

Во циклусот Културолошки погледи на мобилност се застапени шест структурно осмислени истражувања и културолошки коментари со теми што ги третираат континуитетот на културноисторискиот развој и разновидните форми на популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско. Авторите се истакнати авторитети од престижни академски, научни и културни институции во Скопје, кои досега оставиле препознатливи резултати во областа на македонската духовна, културноисториска, книжевна и писмена традиција – но и во областа на музеологијата, конзервацијата и социологијата на културата.

Овој тематски циклус почнува со истражувањата на Ѓоко Ѓорѓевски за религискиот аспект на сакралното културно наследство во Скопје и Скопско, интерпретирајќи ја и толкувајќи ја улогата на религијата тесно поврзана со значаен дел од историската, духовната, културната и уметничката традиција.

Во соопштението се наведува дека Валентина Миронска-Христовска ја проследува традицијата на односот кон книгата во градот Скопје во периодот на Просветителството и на Преродбата од XVI до XIX век, со посебно нагласување на нејзината улога на културно наследство негувано во најстарите книжарници, библиотеки и читалишта. Од социолошко-културолошки аспект е истражувањето на Сарита Трајанова која се фокусира на културните институции во градот Скопје, чија дејност е посветена на заштитата и на афирмацијата на културното наследство низ различни форми на пренесување на културната меморија да ја возобнови современоста преку традицијата. Славчо Ковилоски ги концентрира своите истражувања врз културното наследство во еден микро-ареал Блатија од катлановско-скопската област на Македонија, нагласувајќи ги древните археолошки локалитети, доцноантичката и средновековна тврдина Кожле, средновековните цркви и манастири, како и богатата фолклорна и етнолошка традиција. Третманот на археолошкото наследство во Скопје Валентина Поцеска го поставува во релација на активирање културни политики, што ќе го координираат односот кон спроведување стандарди на современа практика за реконструкција и конзервација на археолошкото наследство – а во функција на спроведување на неговата физичка заштита, управување и афирмација.

Своите истражувања Нада Андоновска, се појаснува во соопштението, ги посветува на нематеријалното културно наследство во Скопје и скопско, со посебен поглед кон неговите изразни форми на манифестираност и кон насоките на кој начин тоа може да се сочува и да се пренесе како духовно и културно искуство на следните генерации.

Во вториот циклус Проектна интеракција се поместени прилозите на двајцата иницијатори токму на ваков интерактивен и мобилен начин да се осмисли и да се реализира Проектот од потесната област на нивните заеднички студиски предмети од вториот и трет циклус на студирање, а чии истражувања ги концентрираа на два мошне значајни духовни и културноисториски центри кои му даваат впечатлив белег на скопското градско опкружување. Притоа, Маја Јакимовска-Тошиќ ги елаборира истражувањата за местото и улогата на Марковиот манастир „Св. Димитрија“ како еден од повпечатливите духовни и книжевни центри во скопско, што со својата исклучителна книжевна и писмена традиција го збогатила македонското културно наследство со сведоштвата за истакнати книжевни дејци и сочувани книжевни и писмени споменици од XIV век наваму.

– Впрочем нејзиното излагање на Конференцијата со темата за книжевната традиција во Марковиот манастир беше и вовед за вториот програмски дел што се одржа наредниот ден токму во манастирскиот храм и во самиот комплекс, каде што пред академскиот и културен состав на посетители се дополни претставата за неговата богата архитектонска, фрескосликарска, иконописна и духовна традиција. Истражувањата на Илија Велев се посветени на духовните и културните центри на Скопска Црна Гора, како своевидна втора балканска Света Гора – каде што се идентификува духовната и културната традиција на околу 60 евидентирани цркви и манастири од периодот на X/XI и сѐ до XVIII век, информираат во Институтот.


Научниците се уште не се согласни дали е можна инфекција со Ковид-19 од воздух - МИА
Вести

Преглед на состојбата со Ковид-19 во светот

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус до сега се заразени 33.385.696 лица. Од последици од Ковид-19 починале 1.003.405 пациенти, а оздравеле 24.688.610 луѓе. – Во изминатите 24 часа во Косово се забележани три […]

Гордана Јанкуловска упатена во КПУ-Идризово за случајот „Тенк” - МИА
Вести

Гордана Јанкуловска упатена во КПУ-Идризово за случајот „Тенк”

Скопје, 28 септември 2020 () – Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, е упатена во КПУ – Идризово, за издржување на казната затвор од четири години како осудена во предметот „Тенк”, потврдуват за од […]

Вести

Адвокатите бараат ослободителна пресуда за Јанакиески за „Насилство во Центар“

– Адвокатите на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески денеска во завршни зборови за предметот „Насилство во Центар“ побараа тој да биде ослободен од обвинение. Адвокат Димитар Дангов побара Обвинителството да го повлече […]

Биди првиот кој ќе коментира

Вашиот коментар

Твојата е-маил адреса нема да биде објавена.


*