– Кратките филмови „Полица“ од Матија Лукач, „Памти“ од Оља Покрајац, „Смак света“ од Маја Јанковиќ од Србија и „Кажи ми дека сме за стварно“ на македонскиот автор Максим Илковски ја отворија втората вечер на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“ во Дојран, како дел од студентската програма.
Студентската програма ја затвори „Кажи ми дека сме за стварно“ на Максим Илковски, кој вели дека филмот преку лага ја говори вистината.
– „Кажи ми дека сме за стварно“ ни покажува многу суштински работи можеби нема да се случат за 15 минути, но се случуваат во едно опширно време. Го снимив во 2020 година, кога бев четврта година на моите студии. Тој побудува многу прашања, како на пример зошто младите подоцна стапуваат во брак, зошто некои бракови се среќни, а некои не, посочи Максим, кој филмот го работел под менторство на Јани Бојаџи.
Дел од филмскиот фестивал е и мастерклас со српскиот режисер Дарко Бајиќ, посветен на филозофијата на изборот на тема од страна на режисерот, наспроти тенденциите на наметнати теми и правила. На мастеркласот присуствуваа студенти по филм и телевизија од Македонија и студенти на ФДУ од Белград.
Вечер почнува официјалната програма на „Преку езерото“, со иранскиот филм „Трета светска војна“, а веднаш по него почнува францускиот филм „Љубов според Далва“.