Монодрамата „Бикот на Фаларис“ со Стивен Фридман вечер на „Охридско лето“

kultura
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На „Охридско лето“ вечер е првата содржина од драмскиот дел на програмата, со американската вечер во чии рамки ќе се игра претставата „Бикот на Фаларис“, монодрама напишана и изведувана од Стивен Фридман.

Театарската претстава „Бикот на Фаларис : Решавајќи ја загатката на чудесниот голем свет (и нашата болка станува убавина)“, претставува потрага на авторот кон одговорот на најголемите прашања – како да се извлече убавина од болката. Текстот, пренесен топло и духовито, е дел од автобиографија, делумна медитација, делумно упатство и делумно инспирација со длабоко потенцирање на афоризмите, кои се алтернативно густи, елементарни, предизвикувачки и откривачки…


Како молекуларен биолог образован на Харвард, визуелен уметник и провокативен визионер и филозоф, Стивен Фридман има одговори на големите животни прашања. Користејќи го личниот наратив, поезијата, уметноста и науката испорачува перформанс кој ја рефлектира неговата призматична, трансформациска и длабоко утешна визија за светот. Фридман нуди решение за светската болка базирана не само на верувањето и верата туку и логичната строгост- филозофија која започнува од приказната на Киеркегард, за античка направа за измачување, бикот на Фаларис, кој ужасните звуци на болката ги претвора во музика.

„Бикот на Фаларис“ или таканаречениот бронзен бик е справа за мачење и направа за извршување на погубувања осмислена во Стара Грција. Според записите на Диодор Сицилиски, Перил од Атина го осмислил и го предложил бронзениот бик како справа која тиранинот Фаларис од Сицилија би ја користел за погубување на криминалците. Бикот целосно бил направен од бронза, шуплив одвнатре со вратичка отстрана. Бикот бил со облик и големина на жив бик и имал вграден звучен апарат кој вресоците ги претворал во бревтање. Oсудените биле заклучувани во бикот и се палел оган под справата, кој го загревал металот а личноста – жива, во внатрешноста се печела до смрт.

Фаларис заповедал да се осмисли бик на таков начин што чадот кој излегувал од него да мириса на парфем. Главата на бикот била осмислена со сложен систем на цевки и прегради кои обезбедувале вресоците да бидат претворени во звуци кои наликувале на збеснат бик. Според легендата, кога бикот ќе се отворел, изгорените коски на погубениот „светеле како накит и од нив биле правени алки “.

Перил му кажал на Фаларис: „Неговите вресоци ќе излезат низ цевките како најнежните, најбедните, најмелодичните крици“. Згрозен од овие зборови, Фаларис наредил овој звучен систем да се примени на самиот Перил. Кога Перил влегол веднаш бил заклучен и запален бил огнот под бикот, за да може Фаларис да ги чуе неговите вресоци. Пред да почине Перил, Фаларис ја отворил вратата и го извадил од бикот. Перил верувал дека ќе добие награда за својот пронајдок, но наместо тоа по ослободувањето од бикот Фаларис го фрлил од врвот на ридот, убивајќи го. За Фаларис се верува дека и самиот бил погубен во бикот кога бил симнат од власт од Телемах, предокот на Терон.

Претставата ќе се игра на сцената во Предворјето на „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK