По големиот интерес и постигнатите резултати со афирмацијата на македонистиката на Универзитетот во Риека во изминатите деценија и половина, откако заеднички го чествувавме јубилејот, уште утре треба да започне новото поглавје на нејзиниот развој. И уверена сум дека тоа ќе се случи, затоа што зад таквата определба, со цврста решеност, но и со конкретна визија сме заедно – нашите колеги од риечкиот Филозофски факултет и ние. Не само што тоа го нагласивме на свеченостите по повод 15-годишнината од отворањето на Лекторатот, туку и го конкретизиравме на работните состаноци.
Ова меѓу другото го истакна директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, по низата активности со кои неделава, во Риека се чествуваше значајниот јубилеј – 15 години Лекторат по македонски јазик на риечкиот Филозофски факултет, а кои предизвикаа голем интерес во хрватската академска заедница.
Изминативе денови, при чествувањето на значајниот јубилеј со низа настани, во Риека се остварија и повеќе работни состаноци меѓу колеги од УКИМ и Универзитетот во Риека. На чествувањето учествуваше и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, кој оствари работна средба и со ректорката на Универзитетот во Риека, проф. д-р Сњажана Пријиќ-Самаржија.
– Откако веќе има над 2000 студенти кои минаа низ Лекторатот по македонски јазик во Риека, дел од енергијата мора да се насочи за да се развива интересот за македонистиката и кај новите генерации студенти – оние на кои им припаѓа времето пред нас. Затоа, Лекторатот, со голема посветеност на лекторката, м-р Биљана Стојановска, постојано работи на развивање на предметните програми. Но, исто толку важно е, интересот и посветеноста кон македонистиката, особено на оние кадри кои посебно се истакнуваат да се поттикнуваат постојано, со цел нивниот интерес и нивното ангажирање за изучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура да се развиваат непрекинато, во текот на студиите, но и потоа. Затоа разговаравме и за идеи кои вклучуваат научноистражувачки проекти, книжевни преводи, вмрежување со други институции итн. И секако, за натамошни учества на студенти на риечкиот Филозофски факултет на нашите школи, напомена директорката на МСМЈЛК при УКИМ.
Таа и нагласи дека онака како што Лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека се изгради врз темелите поставени со наставата по македонистика започната на риечкиот Педагошки факултет пред повеќе од четири децении, така и новото поглавје на неговиот развој треба да претставува континуитет на остварувањата од изминатите петнаесет години кои се многубројни.
– Затоа, секоја идеја што ја инициравме деновиве е резултат и на размислување за она што треба да биде стварност на овој Лекторат и на македонистиката во Риека и воопшто во Хрватска во следните петнаесет години, децидно напоменува Мојсова-Чепишевска.
Напоменувајќи дека покрај образовната, лекторатите по македонски јазик имаат и неформална, но клучна дипломатска функција, директорката на МСМЈЛК при УКИМ посочи и дека од клучна важност е подготвеноста и желбата на македонската заедница во Риека за натамошна соработка со Лекторатот, со заеднички иницијативи и активности, преку кои македонскиот јазик, литература и култура се афирмираат и надвор од вообичаениот академски простор. Како што нагласува, вакви активности се остваруваа и во годините наназад, но клучно е што тоа ќе продолжи со изнаоѓање и на нови форми на афирмација на македонскиот збор и мисла во хрватската културна средина, за што поконкретно е разговарано и изминативе денови.
– За дел од активностите кои може и треба да се остваруваат од Лекторатот во годините пред нас, самостојно или во соработка со други субјекти, за новото поглавје на развојот на македонистиката да биде достоинствено продолжение на веќе постигнатото, секако, неретко, неопходна ќе е и поддршка од други институции, ама се надеваме дека таа нема да изостане. Но, клучно е што двата универзитета – УКИМ и Универзитетот во Риека искажуваат решеност да ги поддржуваат ваквите активности, посочува Мојсова-Чепишевска.
Инаку, УКИМ и Универзитетот во Риека имаат одлична соработка, што беше нагласено и на состанокот на ректорите на двете високообразовни институции, при што како одделно важно беше посочено и отворањето на Центарот за напреднати студии во Скопје, кој ќе стане дел од Регионалната мрежа на центри за напреднати студии.
Мојсова-Чепишевска ја нагласува и добрата соработка на МСМЈЛК при УКИМ со македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, со чија поддршка се организираше чествувањето на јубилејот во Риека. Таа очекува соработката да продолжи и со натамошни заеднички заложби и активности, не само во Риека, туку и воопшто во Хрватска, имајќи предвид дека македонистиката била и е присутна и на други универзитетски центри, вклучително и на Универзитетот во Загреб. Но, како што напоменува, соработката може да биде насочена и воопшто кон афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во хрватската културна средина, секако со активна вклученост и на Лекторатот по македонски јазик во Риека.
Изминатите денови, чествувањето на јубилејот 15 години Лекторат по македонски јазик во Риека започна со промоција на монографијата „Со поглед кон Европа“, која содржи дваесет текста од исто толку автори – за остварувањата за македонистиката во Риека од 2008 година наваму. Оваа монографија е прва која е посветена на лекторат по македонски јазик на странски универзитет, а при нејзиното промовирање беше посочено дека дејноста на Лекторатот по македонски јазик во Риека е најпрепознатлива и со најзабрзан развој на тамошниот Филозофски факултет.
– Оној пат кон Европа што започнавме да го чекориме со браќата Миладиновци преку објавата на нивниот Зборник на народни песни во Загреб во 1861 година, а го продолживме со Рацин и неговата „Бели мугри“ објавена во Самобор во 1939 година, во нашево време го продолжуваме токму преку Риека. Преку универзитеткиот центар на кој во последните петнаесет години има огромен интерес за македонскиот јазик, литература и култура, порача Мојсова-Чепишевска на свеченоста на која се промовираше монографијата.
Во рамките на чествувањето на јубилејот беше отворена и изложба на фотографии од Македонија и се одржа промоција на прв превод на избор од македонски авторски сказни од македонски на хрватски јазик зад која стојат студенти по македонистика во Риека под ментортво на лекторката м-р Биљана Стојановска, која и го иницираше и осмисли изданието. Но беше претставена и македонската музика, со избор песни во хорска изведба, а беше организирана и дегустација на македонски традиционални специјалитети. Јубилејот беше одбележан и на свечената седница на Наставно-научниот совет со која се чествуваше 25-годишнината од основањето на риечкиот Филозофски факултет.
– Клучно е она што ќе се оствари во годините пред нас – она на што ќе се работи веќе од утре. Само така и сето она што како порака го упативме при чествувањето на овој јубилеј и вреднувањето на веќе оствареното ќе има целосна смисла – суштински, а не формално. Подготвени сме да оствариме и да работиме, заеднички со хрватските колеги – во сегашноста да ја создаваме иднината на македонистиката во Риека, истакнува Мојсова-Чепишевска.