На мултимедијална патувачка изложба „CAN for Balkans“, поставена во Националната библиотека на Романија, во Букурешт е претставен македонскиот стрип. Изложбата ќе биде отворена до 12 јуни. Покрај делата на автори од Србија, Албанија и Романија, изложени се и стрипови на историска тематика на неколку генерации македонски автори. -Љубомир Филиповски, Илија Јордановски, Миле Топуз, Драган Ташковски, Диме Иванов-Димано, Дарко Богданов и Александар Стеванов, кој воедно е и селектор на македонскиот сегмент од изложбата, се само дел од македонските стрипописци во чии неколку стотици стрип-табли ќе можат да уживаат романските вљубеници во деветтата уметност, изјави Стеванов.
Најголемиот дел од македонските стрипови поставени во Букурешт се премиерно објавени во детското списание „Наш свет“, во српската ревија „Никад робом“, во првата македонска стрип-ревија „Макстрип“, а во поново време и како албумски изданија.
-Од историските личности во нив се среќаваат Александар III Македонски, Хацон, Пребонд, св. Кирил и Методиј, св. Климент Охридски, цар Самуил, војводата Ивец, цар Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Карпош, Сирма војвода и гемиџиите, но и фикциски ликови сместени на историскиот фон. Еден таков лик, Самуиловиот едноок воин Никола, е избран за најамблематичен протагонист од македонските историски стрипови и како таков е отпечатен во реална величина, истакна Стеванов. Изложбата е организирана како дел од активностите на меѓународниот проект „CAN for Balkans“ (Comics alliance networking), во рамките на кој беше објавена и публикација за историјата на балканскиот историски стрип, вклучително и македонскиот. По минатогодишното гостување во Брашов, ова е второ претставување на македонскиот стрип пред романската публика. Патувачката мултиметијална стрип-изложба, чија реализација е кофинансирана од Европската Унија, досега беше поставена и во Тирана, Брисел, Лесковац, а пред неколку месеци и во Велес. Со нејзиното поставување во Букурешт се заокружува проектот „CAN for Balkans“, во чија имплементација како партнерска организација е вклучен и Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес.