Македонски павилјон на Прашкото квадрианале 2023

kultura
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Единаесет уметници од земјава, под кураторство на претходните добитници на „Златната трига“, годинава ќе бидат македонски претставници на најголемиот светски настан за перформанс, дизајн и простор – Прашкото квадрианале 2023.

Добитниците на главната награда „Златна трига“ на претходното издание на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор, Филип Јовановски и Ивана Васева, годинава се кураторски тим на изложбата „Градот како сцена“ на Националниот павилјон на Република Северна Македонија на квадриеналето, кое ќе се одржува од деенска до18 јуни во Прага.


Преку делата на уметниците Алембик (Виктор Танасковски и Ива Дамјановски), Бесфорт Идризи, Викторија Илиоска и Анастасија Пандиловска, курирани во заедничката изложба „Градот како сцена“ овој проект го користи градот како текст за препрочитување на историските настани преку евоцирање на (тектонските) поместувања, судири и (само)експлоатации во контраст на локалните официјални и неофицијални приказни. Во Студентскиот павилјон пак, куриран од Кристина Леловац и Филип Јовановски учествуваат Мартина Пенева, Димитар Милев, Тамара Џерков, Дениз Ајдаревиќ, Александар Јовановски и Мартина Петреска, сопшти тимот од Националниот павилјон на Прашкото квадриенале 2023.

– Претставувањето на РСМ во Прага собра голем тим на учесници/ки и особено сум среќен и благодарен на довербата која тимот ја вложи изминативе шест месеци во овој активен и комплексен процес. Добивањето на главната награда Златната Трига на минатото издание во 2019 година, беше и сеуште е мотив за нас како тим да се обидеме градот како ресурс („капитал”) да го распределиме и споделиме со пошироката уметничка заедница и тоа преку национален павилјон и за прв пат студентски павилјон на оваа голема манифестација, вели Филип Јовановски, еден од кураторите на националниот павилјон.

Изведувачката и кореографка Викторија Илиоска, осврнувајќи се на четиримесечната подготовка на проектот, истакнува дека процесот се одвивал според методологијата на Јовановски и Васева „читање згради“.

– Секој од нас, Анастасија, Бесфорт, Алембик и јас, изработивме лично исчитување на таа методологија и изработивме перформативна инсталација составена од четири дела. Причинува особено задоволство да се работи со група од заедницата и да се стигне до структура која застапува повеќе форми и дисциплини. Во мојот дел фокусот го дадов на есенцијалното, нужното, на ресурсот. На оној што го немаме, но исто така на оној што го имаме, а го експлоатира некој друг, вели Илиоска.

Кристина Леловац, актерка, изведувачка и вонредна професорка на ФДУ, која ја има и улогата на ко-кураторка на студентската изложба, објаснува дека покрај истражување на стручна литература и архиви, се проверуваа изведувачките потенцијали на градот низ мали перформативни интервенции во јавниот простор, преку кои студентите заедно дојдоа до 10-те упатства (прототипи) за ретки доживувања на градот како сцена.

Прашкото квадриенале е основано во 1967 година со цел да да го донесе на едно место најдоброто од перформансот, сценографијата и театарската архитектура, и годинава го има своето петнаесетто издание. Македонскиот национален павилјон и студентскиот павилјон го организира Здружението за уметност и култура „Факултет за работи што не се учат-ФРУ“, во партнерство со Младинскиот културен центар, Меѓународниот театарски фестивал МОТ, Факултетот за драмски уметности и Архитектонскиот факултет од Скопје.

Националниот павилјон на ПК2023 се организира со поддршка на Министерството за култура, Факултетот за драмски уметности – универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје и проектот Активен ГРА(Д)/ѓани, финансиран од Европската унија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK