„МакеДокс“ сними и објави две видеохроники од втората етапа на Патувачкото кино во Преспа


Екипата на „МакеДокс“ сними и објави две видеохроники од втората етапа на Патувачкото кино, која се одвиваше во регионот на Преспа. Патувачкото кино е нераздвоен дел од фестивалот „МакеДокс“ и на проекциите се прикажуваат филмови од фестивалската селекција, но и оние кои се од интерес на локалната заедница каде што гостува екипата на „МакеДокс“.

 

 

Како што соопштија од „МакеДокс“, целта е децентрализација на културата.

Годинава, во своето 13-то издание, Патувачкото кино беше поделено во две етапи. Првата се одржа од 18 до 23 јули во струмичките села, додека втората етапа се реализираше во регионот на Преспа со четири проекции на документарни филмови од 13 до 17 септември, и тоа во Ресен и селата Дрмени, Лавци и Подмочани.

-Целта на заминувањето на Патувачкото кино во областа на Преспа беше да се опипа пулсот на населението, особено во однос на културните случувања, во овој, речиси, во секоја смисла девастиран дел од Македонија. Проекцијата во Ресен се одржа во дворот на прекрасниот објект на Сарајот, каде е сместен Домот на култура „Драги Тозија“. Според директорот на Домот, Васко Василевски, киносалата работела пред околу 25-26 години, а во помалите места е тешко да се работи во областа на културата, бидејќи и кога имаат програма во Домот доаѓа многу малку публика, соопштија од „МакеДокс“.

Селото Дрмени беше втората станица на патувањето низ Преспа.

-Таму архитектот во пензија Тодор Мушаревски објасни како селото се симнувало надолу од планината како што езерото го повлекувало брегот. Така, селото има и стара и нова локација. Тој се потсети и дека некогаш во селото имале Дом на култура каде имало игранки. Во рамките на Домот работела играорна група која настапувала и на Телевизија Скопје. Во Дрмени се потсетија дека кога имало кино во селото Царев Двор, кинооператорот бил од нивното село Дрмени, велат од „МакеДокс“.

Втората видеохроника на Патувачкото кино во Преспа, како што посочија од„ МакеДокс“ ги опфаќа импресиите од селата Лавци и Подмочани.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ 2022 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Националната фондација за демократија од Вашингтон.