Концертна вечер со Мешаниот хор на Косовската филхармонија вечерва на „Охридско лето“


– На програмата на „Охридско лето“ вечерва сцената на катедралната црква „Света Софија“ е резервирана за настапот на Мешаниот хор на Косовската филхармонија.


 

Хорот на Косовската филхармонија е професионален ансамбл кој го сочинуваат 50 пејачи. Тој  на своевиден начин ја продолжува работата на поранешниот хор на РТВ Приштина кој беше добро познат во регионот и пошироко во 80-те години под раководство на Рафет Руди. Хорот беше распуштен во 1990 година поради воениот конфликт, но по една деценија, во 2003 година е повторно основан, сега како дел од Косовската филхармонија и  е изграден во еден од најдобрите хорски ансамбли во регионот.

Нивниот репертоар е широк и вклучува дела од барокниот и романтичниот репертоар, па сѐ  до дела од современите композитори: А. Перт, Е. Витакер, О. Гјело, Е. Ешенвалд, В. Тормис и др. Концертните настапи на хорот во изминатите години ги вклучуваат мисите и ораториумите од: Моцарт, Монтеверди, Бах, Вивалди, Бетовен и Хајдн, а изведуваат и светски праизведби на нови дела од косовски композитори. Хорот настапува во значајни сали и објекти како: Катедралата Св. Луис во Париз, Театарот „Вајтрок“ во Хејстингс, Папската базилика Сан Паоло Фуори ле Мура во Рим, Амфитеатарот во Драч,  Евхариската базилика во Пореч и др. Соработуваат со гости диригенти како: Марко Ватовец и Дамјан Мочник (Словенија), Марсио да Силва (Бразил/ В. Британија), Тошио Јанагисава (Јапонија) и др. Со својата работа Хорот на Косовската филхармонија ја продолжува традицијата на хорско пеење која на Косово е присутна од 1945 година.

Диригентот Хајрула Сула има студирано композиција во класата на Менди Менгиќи на Универзитетот во Приштина и диригирање во класата на Бајар Бериша. Како диригент и композитор се претставува во повеќе земји – Косово, Албанија, Германија, Бугарија, Турција, Белгија, САД и др. Диригира со оркестри меѓу кои Косовската филхармонија,  Косовскиот младински оркестар, камерниот оркестар „Реџо Мулиќи“…Во 2015 година тој е победник на Берлинската аудиција организирана од Спектрум концерти што му носи концерт во Берлинската камерна сала во 2016 година на кој се изведени неговиот Концерт за кларинет и дело за камерен оркестар. Посетува мајсторски курсеви кај диригентите Тошио Јанагисава, Рене Гуликерс, Џон Армстронг, Натали Марин, а учествува и на конференции во САД и Литванија. Добитник е на две стипендии од ММ-Универзитетот во САД. Неговиот композиторски опус содржи дела за клавирско трио и клавирски квинтет, дела за виолина и виолончело, Увертира за оркестар, Кончертино за кларинет и камерен оркестар, Концерт за виолина и оркестар,како и бројни дела за вокални состави. Во 2012 година го формира вокалниот ансамбл „Атака“ кој го сочинуваат 16 професионални пејачи, а истата година станува асистент на Косовскиот филхармониски хор.  Работи како наставник во музичкото училиште „Пренк Јакова“ во Ѓаковица.

Концертот е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.