Клелија Живковиќ добитничка на наградата „Ладислав Баришиќ“


Клелија Живковиќ е добитничка на наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2022 година, што ја доделува Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“.


 

-Комисијата во состав на Зоран Петровски, Иванка Апостолова и Ѓорѓе Јовановиќ одлучи наградата да се додели на проектот „Дизајн за оживување“ на Живковиќ заради внесување тематска новина во досегашната критичко-теориска практика со фокусот на дизајнот и неговата трансдициплинарна релевантност во социјалната, економската и креативната сфера на современите општества, велат од Здружението.

Според Клелија Живковиќ, истражувањето е дел од „Creature Comforts“ (Суштински удобства), односно од неколку годишната љубопитност на авторката за тоа како дизајнерските пракси го обликуваат човештвото како вид. Во центарот на оваа пракса е процесот на прототипирање, развивање на модели за отелотворување и спекулација, барајќи увид во начините на кои човештвото се поврзува со остатокот од живиот и неживиот свет.

Живковиќ е трансдисциплинарна дизајнерка од Скопје која ги истражува паралелите помеѓу развојот дизајнот и развојот на човештвото како вид, преку прототипирање, педагошки пракси и партиципативни уметнички методи. Таа е автор на книгата „Prototyping Tenderness: a personal log of a dying world” во издание на Студио Приватен Принт, и ко-основачка на Платформата за граѓанско учество преку културни и уметнички пракси – Социопач и интердисциплинарното дизајн студио Pillow Talks. Соработува со локални и меѓународни организации и институции како Музејот на современата уметност – Скопје, проектниот простор Прес ту егзит, Универзитетот за применета уметност – Виена и други.