Карантинска забава „Се собравме за вас“ во Зелената градина на покровот од ГТЦ


Карантинска забава „Се собравме за вас“ во Зелената градина на покровот од ГТЦ - МИА

Скопје, 17 мај 2020 () – Во Зелената градина на Градскиот трговски центар во Скопје, во организација на Сити Радио, вечерва од 20 до 23 часот ќе се одржи „карантинска забава“  под мотото „Се собравме за вас“, во чии рамки неколку диџеи ќе пуштаат музика.



– Диџеј Гардиан, диџеј Фичо, диџеј Мац, диџеј Боби, диџеј Фици, сите собрани во Зелената градина, на покривот од ГТЦ, со различни битови и стилови на музика ќе приредат неверојатна забава за љубителите на убавата музика, забавата и танцувањето, се наведува во соопштението на Сити Радио.

Настанот ќе може да се следи во живо на Јутјуб каналот на  Сити Радио или директно на радиото фреквенцијата 94,7 ФМ.

– Иако секојдневно сме присутни во домовите и животите на нашите слушатели преку радио етерот, сакаме на посебен начин да им приредиме и уникатна забава на сите оние кои што седат дома и ги почитуваат мерките за заштита од корона вирусот, наведува организаторот на настанот, кој ги повикува жителите на општина Центар да излезат на своите балкони и прозорци со транспаренти на кои што ќе имаат напишано интересни и позитивни пораки.

Целта на оваа идеја, според организаторите, е тие да бидат снимени и заедно со диџеите да бидат вклучени во настанот што ќе се пренесува во живо.

Покровители на настанот се Градскиот трговски центар Скопје, 3Д Проект студио и агенцијата за маркетинг и односи со јавност Идеа Лаб.

– Карантинот не смее да ни ја одземе забавата, ова е време кога домовите ги претвораме и во ноќни клубови. Нека игра цела фамилија!, порачуваат од Сити Радио.