Во издание на „Арка“ од Смедерево во eдицијата „Мкедонски венец“ излезе обемен избор од поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски на над 300 страници под наслов „Извешати на Рисот и други песни“. Изборот е двојазичен, на македонски и српски јазик, во превод на поетот и академик Ристо Василевски.
Ова е шеста книга на Славе Ѓорѓо Димоски на српски јазик, а претходните се „Мерач на зборовите“ („Мерач речи“), „Поле. Бојно поле?“ („Поље. Бојно поље“), „Блиска врска“ („Блиска веза“), „Јзичен триптихон“ („Језички триптихон“) и „Одење по вода“ („Ходање по води“). За оваа прилика поговорот на книгата специјално го напиша Венко Андоновски.
– За една поезија обично се вели дека е голема, и со тоа, по творештвото на Блаже Конески се согласни речиси сите, ако е едноставна. Се чини дека „инфантилизацијата“ на јазикот, силно изразена кај Димоски, е едно од можните решенија за едноставна песна. Поетот говори големи нешта со лесни, едноставни зборови. Зборови на примордијалната, првобитна, детска свежина на перципирање на светот. Познато е дека сите светски јазици имаат јасна тенденција кон едно екстензивно комплетирање, заокружување, богатење. За секој нов предмет во животот, секојдневниот јазик веднаш измислува нов збор. Поетот и детето тука се „старомодни“, но покреативни. Ним не им требаат нови зборови за новите предмети. Тие ќе најдат некој стар, подзаборавен. На пример, за авионот ќе речат дека е птица. За птицата ќе речат дека е стрела. За брзината дека е око. Таа работа, тој филигрански занает на Славе Ѓорѓо Димоски, уверени сме, уште долго ќе остава скапоцени камења и „гравири“ во ковчежето на современата македонска поезија, нагласува Вели Андоноски во поговорот.
Ова е втор интегрален превод на книгата „Извешати на Рисот“. Минатата година на словенечки јазик делото го објави издавачката куќа „Хиша поезије“ од Љубљана во превод на Лара Миховиловиќ.