Во рамки на културната програма на иницијативата Отворен Балкан, на 13 јули во Културниот центар на Србија во Париз, ќе биде отворена изложбата „Супстрати“, под покровителство на mинистерствата за култура на Северна Македонија, Србија и Албанија.
Куратор на изложбата е Клаудија Пецолд, основач на порталот за подигнување на свеста за преобразба на природното и културно наследство Curating Evolution, која фокусирајќи се на современата уметност ги нагласува фундаменталните врски помеѓу трите земји во рамки на Отворен Балкан, соопшти Министерството за култура.
Реализацијата на културната програма на Отворен Балкан овозможува балканските земји преку својата уметничка сцена, во современ концепт да ја претстават балканската култура и воедно преку интеркултурен дијалог и интердисциплинарен пристап, да ги промовираат специфичните културни и уметнички карактеристики на Балканот.
На изложбата ќе бидат претставени новите проекти на уметниците Кристина Пулејкова (Северна Македонија), Нина Жељковиќ (Србија) и Дриант Зенели (Албанија).
Изложбата „Супстрати“, ќе биде отворена до 12 август 2023 година.