Изложба на фотографии од бебиња поставена на Струмичкото корзо


На Струмичкото корзо е поставена изложба на фотографии од бебиња од Драгица Атанасова, струмичанка која сега живее и работи во Швајцарија.


 

Изложбата ја постави Здружението „Кадро“ од Струмица со поддршка на Општината, а во фокусот на Атанасова се новороденчиња преку кои таа раскажува кратки бајки, полни со светлина. Најчесто ги аранжира своите фотографии, правејќи сцени кои навидум се извадени од детски соништа, претворајќи ги во приказни за големи.

Драгица Атанасова е родена 1980 година во Струмица. Во 2007 година дипломирала примената лингвистика (англиски и германски јазик) на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ во Благоевград, Бугарија. Работела како наставник до 2010 година, а потоа заминува за Швајцарија.

Со фотографија посериозно почнала да се занимава во 2015 година. Атанасова работи претежно студиска фотографија во која основна тема и се децата. Вработена е како фотограф во една од најголемите женски клиники во Цирих, Швајцарија, но работи и во своето фотографско студио „BABYBELLA“.

Изложбата е отворена до почетокот на наредниот месец.