Изложба „Космички пејзажи 2“ на Дејан Иванов-Маргуш во Софија


Во Културно информативен центар на Северна Македонија во Софија, во музеј-куќата на Борис Христов денеска ќе биде отворена изложбата „Космички пејзажи 2“ на македонскиот ликовен уметник Дејан Иванов – Маргуш.


 

Изложбата е составена од околу 20 ликовни дела и ќе биде отворена во присуство на авторот.

Ликовните дела, кои беа создадени пред пандемијата од Ковид-19, во 2019 и 2020 година беа претставени во град Пловдив. Неговите апстрактни, импулсивни и богати колористички дела, насликани со користење на акрилни бои и со комбинирање на дополнителни материјали за засилување на колористичката вибрација, сега ќе можат да се видат и од публиката во главниот град на Бугарија, Софија.

Дејан Иванов – Маргуш е роден во Скопје 1979 година. Дипломирал на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје 2005 година, во класата на проф. Јован Шумковски и проф. Рубенс Корубин.

Свои самостојни изложби има претставено во повеќе градови низ Северна Македонија, а исто така изложувал и во Србија, Германија и Бугарија. Учествувал на многу групни изложби во Северна Македонија, Србија, Хрватска, Чешка, Франција и САД.

Во својата биографија бележи три награди од групни претставувања, како и многубројни учества во колонии во Северна Македонија и надвор од неа.

Член е на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија од 2005 година, а подоцна станува и негов секретар.

Изложбата ќе остане отворена за посетителите до 30 јуни.