„Интернационално графичко биенале“ – он-лајн изложба на ДЛУМ


– Друштвото на ликовни уметници на Македонија информира дека во тек е четвртото издание на биеналната изложба „Интернационално графичко биенале“ кое се реализира како он-лајн изложба на социлајната мрежа Facebook, секој ден во периодот од 15 до 30 септември.

 

 

– Дигиталната ера ја овозможува оваа on-line поставка да биде достапна на голем број публика. Но се чини дека дигиталната ера го окупира и уметникот да создава и експериментира со новите технологии и можности. Класичните графички техники на ова издание на графичкото биенале се во богатство на понуда од линорез, литографија, бакропис, акватинта, мезотинта, сува игла, сито печат, но голем е бројот и на уметници кои работат во медиумот на дигитален печат, соопшти Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Од ДЛУМ посочуваат дека понудените конкуренти од различни земји имаат свој специфичен ракопис, индивидуална или препознатлива преокупација од денешницата. Ако задача на уметникот е да го забележи времето сегашно, да ги претстави сопствените визии и актуелни размисли, тогаш она што тие го кажуваат е поттик за размисла, провокација за гледачот.

На изложбата се претставени дела од 35 уметници од различни земји: од Босна и Херцеговина – Катарина Галиќ ; од угарија – Ѓорги Ашиков, Христо Николаев Георгиев, Ирина Владимирова Михаилова, Марија Тодорина, Снежина Бисерова, Росен Станоев; од Кипар – Мариана Кафариду; од Литванија – Адам Чех, Кристина Даниунаите, Угне Зилјут, Вајдотас Јанулис; од Северна Македонија – Ана Спасова, Ана Трајковска, Валентина Илијевска, Горан Ристески, Дијана Томиќ Радевска, Златко Глигоров, Маја Рауник, Марија Светиева, Роберт Михајловски, Стефан Младеновски; од Мексико – Лилиа Лухан; од Норвешка – Магдалена Бак; од Полска – Кжиштоф Румин, Мариа Амброз, Паулина Бобак, Ана Чмјелник, Дариус Затка, Моника Столарска; од Хрватска – Јошко Саблиќ, Ива Штефанец, Ена Бајук и од Црна Гора – Јелена Јованчов.

Стручно жири од седум члена Маја Рауник Кирков, Гордана Вренцоска, Маја Кировска, Шќипе Мехмети, Христијан Санев, Марија Светиева и Дијана Томиќ Радевска по пристигнатите дела им додели три рамноправни награди на: Магдалена Бак од Норвешка за „Знајна-незнајна СкреиаII”, сито печат, Паулина Бобак од Полска „БлискостIII”, етканица, мезотинта, Кристина Даниунаите од Литванија за „Кон слободата”, C3, C5, бакропис и акватинта.