Интернационалниот танцов натпревар „Stage 2021“ ја врати магијата на танцот на сцена


Минатиот викенд во Националната опера и балет се одржа Интернационалниот танцов натпревар „Stage 2021“, натпревар кој на едно место ги собра најдобрите балетски студија и танцови клубови од домашната и европска танцова елита.


 

„Stage 2021“ е првиот натпревар кој се одржа во живо на сцена откако се случи пандемијата предизвикана од вирусот Ковид 19. Со почитување на сите мерки и протоколи организаторот направи квалитетно и големо натпреварување во кое учествуваа најдобрите танцови и балетски студија и клубови од Северна Македонија, Грција, Србија, Косово, Турција и Словенија. Поради поголема безбедност на сите учесници настанот беше одржан без публика.

На интернационалниот натпревар во Скопје учество земаа над 32 танцови и балетски студија кои настапија со над 850 учесници во сола, групи, формации и продукции. Децата учесници беа оценувани од врвни професионалци од областа на танцот од сите танцови стилови, судии од: Северна Македонија, Словенија, Турција, Србија и Бугарија. Претседател на жирито беше магистар Олга Панго – директор и педагог на балет во Националата опера и балет, а членови на житито беа Слаѓана Спасеновска – шефица на балетскиот оддел во ДМБУЦ Илија Николовски-Луј, Бахри Гуркан од Турција, Милана Митровиќ од Србија, Душан Водлан од Словенија, Елена Ангелова од Бугарија, Ивана Ивановска Илиќ од Србија и Себастијан Водлан од Словенија.

Интернационалниот танцов натпревар „Stage 2021“ е во организација и продукција на балетскиот педагог, кореограф и продуцент Тамара Ѓурчиновска, сопственик на балетското студио „Арт балет“ и поддржан од Министерството за култура и Националната опера и балет. „Ни беше чест и задоволство со врвна и беспрекорна организација да ги пречекаме сите учесници кои долго го очекуваа овој настан. После две години, танчерите и балетските играчи конечно имаа можност да се претстават на една од најубавите сцени во регионот и повторно да ја почуствуваат оваа преубава атмосфера и волшебно танцување. Изразувам огромна благодарност и почит на сите кои земаа учество во реализацијата на овогодинешниот Интернационален танцов натпревар „Стејџ 2021“ и од срце им честитам на сите вредни играчи-танчери.“ – изјави организаторот на натпреварот, Тамара Ѓурчиновска.

За успешноста на Интернационалниот танцов натпревар „Stage 2021“ најмногу говори  задоволството на учесниците:

„Настан за паметење бидејки малку заборавивме на вистинските вредности на танцувањето, а тоа е споделување на знаењата, поддршката и дружењата на танчерите и танцовите клубови. Одлична организација и прекрасни балетски, хипхоп и латино перформанси. Чиста 10ка за интернационалниот танц натпревар Stage 2021″- изјавија учесниците од Брејк а Лег од Скопје.

„Беше неверојатно чувството повторно да се застане на сцена. STAGE не потсети сите нас како е кога ќе го покажете она што најмногу го сакате – да танцувате. И тоа го правите со голема љубов, а неверојатно големата љубов со која тимот работеше на STAGE ни подари незаборавни моменти на кои сите ќе се сеќаваме. Ни покажа дека и кај нас има натпревар кој е на рангот на познати европски натпревари, но и не потсети дека “Танцот може (повторно) да започне!”. – изјавија од Соната од Охрид.