Индискиот поет Сонет Мондал ќе учествува на Струшките вечери на поезијата


Најпрестижниот и најстариот се уште постоечки поетски фестивал во светот, Струшките вечери на поезијата, упати покана до индискиот поетот Сонет Мондал да ја претставува Индија на 61-во фестивалско издание, што ќе се одржи во градот Струга, со придружни настани во Скопје и Охрид, од 24 до 29 август, објави „Индиантвњуз“.

 

 

Годинава Мондал ја објави својата најнова збирка поезија насловена „Едно попладне во мојот ум“, од која делови ќе чита на годинешниве Струшки вечери на поезијата.

Во текот на овој Фестивал, песните на Сонет ќе бидат преведени на македонски јазик и претставени заедно со верзиите на англиски.

Во текстот се посочува и дека Струшките вечери на поезијата почнаа да се одржуваат во 1961 година само со македонски поети, за од 1966 година прерасне во меѓународен културен фестивал.

– Престижот на овој фестивал се гледа во фактот дека книжевните дејци што беа негови лауреати, подоцна станаа добитници и на Нобеловата награда. Оваа листа вклучува познати поети како Пабло Неруда, Џозеф Бродски и Еугенио Монтале. Овој фестивал, исто така, има посебна врска со Индија кои датираат со децении наназад. Пионерот на хинди литературата Сачидананд Хирананд Ватсјајан Агјеј, е еден од добитниците на наградата Златен венец на фестивалот, се додава во текстот на „Индиантвњуз“.

Инаку, индискиот пеот Сонет Мондал и претходно учествувал на овој фестивал, поточно во 2014 година, а во 2020 година на иницијатива и организација на велешкиот и македонски поет и писател Игор Крајчев учествувал на Вируелниот Светски поетски фестивал „UNITED WORLD OF POETRY“, каде ја читал својата поезија.

Сонет Мондал е автор на шест поетски книги и на повеќе есеи објавени во индиската и светската книжевна периодика, а неговата поезија е преведена на десетина јазици и објавена е во над 180 литературни и универзитетски списанија, како што се списанијата на Универзитетот Њукасл во Велика Британија, Универзитетот Арканзас, Универзитетот Висконсин, Универзитетот Хјустон, Државниот универзитет Јангстаун во САД, Стокхолмскиот универзитет во Шведска…

Како исклучително поетско достигнување на Сонет Мондал се издвојува неговата инвенција на фузиран сонет од 21 стих со посебна ритмичка и еуфониска композиција и тоа е одбележано во Индиската книга на особени достигнувања, а избрани сонети беа објавени во антологијата на светската поезија „Други гласови“ поддржана од УНЕСКО, како и во македонското списание „Стремеж“ препеани на македонски јазик од проф. д-р Зоран Анчевски.