„Годови“ –трајно сведоштво во архивите на МРТ за растот и развојот на „Охридско лето“


Програмата на „Охридско лето“ вчеравечер донесе прекрасна приказна за соработката помеѓу фестивалот и Македонската телевизија презентирајќи го проектот „Годови“.


 

Како што истакна еден од модераторите на вечерта, познатиот музиколог Викица Костоска –Пенева станува збор за колаж од снимени фрагменти од концерти и изјави и личности кои се вградиле во развојот на овој најреномиран фестивал во регионот.

-Тоа е своевидно навраќање и потсетување на значајни уметници и концертни фрагменти, но и сеќавање на многу личности кои со своето делување биле неодвоив дел од создавањето и развојот на фестивалот, а сето тоа нашло соодветен простор во програмите на Македонската Телевизија. Со овој настан се збогатува програмата на „Охридско лето“, преку телевизиските фрагменти ги приближуваме некои од најзначајните концертни остварувања од минатото до фестивалската публика и откриваме еден мал дел од вкрстувањата помеѓу двете институции кои повеќе од 50 години непрекинато траат и се надградуваат, рече Костоска-Пенева.

Модераторот Весна Малјановска, музички новинар во Македонската телевизија и научен истражувач во областа на музиката и телевизијата истакна дека ова е приказна за уникатните вредности, за вложениот труд, енергија, посветеност и љубов, приказна за гордоста и традицијата чии годови започнаа да се формираат уште во далечната 1964 година.

-Македонската телевизија низ годините на своето постоење го потврдува значењето во изградбата на визуелнато македонско културно наследство. Со сопствена програма започнува уште во 1961 година. Првите музички емисии се емитуваат во живо, а првите архивирани музички емисии во продукција на МТВ датираат од 1964 година. Во оваа година снимени се две музички емисии, едната со наслов ,,Музичко интермецо“, а другата Концерт на дувачкиот квинтет ,,Гевандхаус“ од ДДР од фестивалот Охридско лето. И оттогаш под питомите погледи на светците во Света Софија, телевизиските камери ќе ги снимаат врвните светски музички имиња возвишувајќи го Охрид во крстопат и хармонична лулка на добро организирани збиднувања.До крајот на 60-те години од минатиот век Македонската телевизија ќе сними 21 музичка емисија од кои 14 од нив  се емисии од фестивалот Охридско лето, појасни Малјановска.

Според директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, Македонската радио-телевизија, како реномирана и етаблирана медиумска куќа на територија на Република Северна Македонија и препознатлива пошироко во регионот,  претставува важен партнер во градењето на успешната приказна за фестивалот „Охридско лето“. Успешната соработка низ годините, како што вели Поповиќ, придонесува за успешното одвивање на манифестацијата но и за градење на уметничкиот квалитет што го има „Охридско лето“.

-Она што за нас е посебно важно е богатата архива што ја поседува Македонската радио телевизија со која остануваат како траен белег сите врвни концерти и сите звучни имиња кои настапиле на фестивалската сцена, рече Поповиќ.

Соработката помеѓу Македонската телевизија и фестивалот „Охридско лето“ континуирано трае повеќе од педесет години.

Поповиќ најави дека ќе се направат напори, фестивалската хроника што ја има снимено Македонската телевизија низ децениите наназад, да добие дигитализирана форма и да остане како трајно сведоштво за почетоците, растот и развојот на најголемата музичко-сценска манифестација во земјава и пошироко, фестивалот „Охридско лето“.

-Нашите интенции се со заеднички напори на двете институции, она што го видовте како колаж од уникатните концерти на „Охридско лето“ низ годините наназад, но и сѐ останато што го има во архивите на Македонската телевизија како материјал  снимен на фестивалот, да добие дигитализирана форма и да остане како трајно сведоштво за најубавата културна приказна што секое лето се ткае во Охрид, додаде директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Македонската телевизија брои близу 500 емисии со содржини од фестивалот „Охридско лето“. Проектот „Годови“ е инспириран од истоимениот документарен филм посветен на „Охридско лето“, а подготвен од новинарска екипа во 2000-та година. Публиката на „Охридско лето“ вчеравечер имаше можност да ужива во куси извадоци од концерти на врвни светски уметници кои во изминатите децении со својот настап оставиле силен печат врз фестивалот како што се Леонид Коган, Андре Навара, Хозе Карерас, Игор Ојстрах, Стефан Миленковиќ, Симон Трпчевски, Георги Божиков и други.