Црковниот одбор во тетовско Стенче летово ќе се обиде да ја продолжи традицијата за организирање Стенечка свадба, на која младоженците ќе ги носат препознатливите локални народни свадбарски носии. Поради пандемијата оваа традиција беше во прекин изминатите три години, а претходно десетина години редовно се одржуваше.
– Уште пред повеќе од еден век, традиционално во село Стенче на Илинден, 2 август редовно се одржувала Стенечка свадба, а воедно се празнувала селската слава и се одбележувал патрониот празник на црквата Свети Илија. Младоженците својата венчавка во црква ја правеле според традиционалните стенечки обичаи со носење на горнополошка стенечка носија. Ние, како црковен одбор оваа традиција ја возобновивме пред 10-тина години, но поради пандемијата истата беше во прекин, па годинава сакаме повторно да се направи таква венчавка со нашите традиционални свадбарски носии, информира Петре Гроздановски од црковниот одбор.
Покрај зетот и невестата, во традиционална горнополошка стенечка носија треба да бидат облечени и кумовите и старосватите. За младоженците условот е да не биле венчани во црква, додека може да имаат направено склучување на граѓански брак во матичната служба.
– Иако се празнувало и се правеле свадби за Илинден, сега поради повеќе причини и општествени прилики како црковен одбор сме флексибилни и на младите им нудиме ако сакаат да прават свадба и на друг датум, како и да изберат во која црква сакаат во селото бидејќи има повеќе. Единствен услов за време на црковната венчавка да бидат облечени во народните носии кои црковниот одбор ги има и им ги обезбедува бесплатно за оваа свеченост, вели Петре Гроздановски од црковниот одбор.
Во Стенче венчавката може да се направи во црквите Света Петка, Света Екатерина и Свети Атанасиј. Црковниот одбор објави и оглас за пријавување, кое ќе трае до 15 јули.