Фотографска изложба на Милчо Манчевски во Бургас


 – По успешното претставување на изложбата „Таму“ на Милчо Манчевски во Софија, денеска таа ќе биде поставена и во Бургас, во Центарот за современа уметност и библиотека. Колор делата на тема улична фотографија, на светски познатиот режисер Милчо Манчевски, ќе бидат достапни за публиката до 31 октомври. Реализацијата на оваа изложба е плод на успешна соработка меѓу Културно-информативниот центар на РСМ во Софија и Општина Бургас, информираа од Културно-информативниот центар на РСМ во Софија.


 

Милчо Манчевски е автор на филмовите „Пред дождот“ (1994), „Прашина“ (2001), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), „Бикини Мун“ (2017) и „Врба“ (2019), како и на кусометражните „без наслов“ (1982), „1.73“ (1985), „Четврток“ (2013), „Крајот на времето“ (2017) и други.

Неговите филмови се дистрибуирани глобално и имаат освоено над 60 меѓународни награди, меѓу кои и Златен лав во Венеција (1994), Индипендент спирит (1996), Елен во Аспен (2017), Давид ди Донатело (1995), Алуминиумски коњ во Стокхолм (1994), номинација за Оскар (1995), Сребрен кондор во Аргентина (1997), Златна бубачка во Шведска (1995), ФИПРЕСЦИ (1994), ФЕДEОРА (2011) и Фантаспорто (2018 и 2020).

Автор е на книгите „Духот на мајка ми“ (1997), „Вистина и прикаска: белешки за (исклучителната) верба во уметноста“ (2012), „Слики, зборови и лаги“ (2015), „Улица“ (1999) и „Пет капки сон“ (2011).

Самостојно и како основач на групата 1 АМ поставува арт перформанси во Скопје, Белград, Сплит и Бруклин.

Имал повеќе групни и две самостојни изложби на фотографии, „Улица“ (1999) и „Пет капки сон“ (2011) во Музејот на современата уметност, Скопје. Тие се потоа изложени и во Њујорк, Москва, Шангај, Стокхолм, Турција, Хрватска, Србија, Бугарија, Холандија, Италија, Јапонија, Романија, Полска, Грција, Франција, Доминиканска Република, Словенија итн.