Фолклорен ансамбл „Ацо Ѓорчев“, вечерва реализира мартовски концерт во Неготино, информираа попладнево од ансамблот.
– Наши гости на овој концерт се фолклористите од Културно уметничкото друштво „Младост“ од Врање, соседна Србија. Ќе може да се проследат настапите на околу 300 млади, разиграни и распеани игроорци од двете друштва, појасни Горан Трајков, кореограф, претседател и уметнички раководител на ансамблот.
Тој потсети дека ансамблот е формиран 2011 година.
– Од самото основање на друштвото, наша цел е достојно изучување, негување и приближување до младите генерации на едно од најскапите нешта во нашата држава. Фолклорот, традицијата, обичаите на македонскиот народ, нагласи тој.
Трајков информираше дека во ансамблот во моментов членуваат околу 220 активни членови во осум групи. Тој соопшти дека имаат бројни настапи и признанија во земјава и странство.
Од „Ацо Ѓорчев“ ги повикаа на концерт, сите љубители на македонските фолклор и традиција. Фолклорниот настан започнува во 17 часот.