Филмскиот проект „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски доби дополнителна финансиска поддршка за развој од „SEE CINEMA NETWORK“


Филмскиот проект „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски доби дополнителна финансиска поддршка за развој од Меѓународната Асоцијација – Филмска Мрежа на Југоисточна Европа – SEE Cinema Network.


 

На вчерашното Генерално собрание на SEE Cinema Network, на која учествуваа директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски и претставници од земјите членки од Грција, Албанија, Кипар, Косово, Црна Гора, Романија и Србија, биле разгледани пријавените филмски проекти кои оваа година аплицираа за финансиска поддршка за развој на долгометражен филм.

– Од пријавените проекти на Република Северна Македонија, финансиска поддршка доби долгометражниот филм „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги М. Унковски, од продуцентската куќа Синема Футура, предвиден да се реализира како македонско-српска копродукција. Од вкупно 15 пријавени филмски проекти, претставниците од земјите членки донесоа одлука да бидат поддржани вкупно 8 филмски проекти (по еден од секоја земја-членка), со финансиска поддршка во износ од 9.000 евра, соопштија од Агенцијата за филм.

Проектот е дебитантски долгометражен филм на авторот Унковски кој освен во улога на режисер се потпишува и како сценарист на проектот. Неговиот краткометражен филм „Налепница“, кој ја имаше својата светска премиера на фестивалот во Санденс, беше прикажан на преку 100 фестивали ширум светот, со повеќе од 40 награди.