Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски е избран во официјалната селекција на Глобалниот филмски и музички фестивал Искија, на истоимениот остров Искија во Италија што се одржува од 9 до 16 јули 2023 година.
„Љубовната соба“ на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кои главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД – Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во, како што се наведува, најозлогласениот затвор во Северна Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
Филмот е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (Сузи Кју продукција), извршен продуцент е Владимир Стојчевски, а филмот е во копродукција со Аворд филм и видео. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски и тонски дизајнер е Игор Поповски.
Глобалниот филмски и музички фестивал „Ischia“ е еден од најпопуларните и најпосетуван летен филмски настан во светот со италијански и меѓународни проекции, на кои присуствуваат реномирани професионалци од филмската индустрија, како и некои од најпознатите имиња од глобалната филмска сцена. Со него свечено ќе претседава режисерот Џим Шеридан, продуцентот и активист Труди Стајлер и пејачот и текстописецот Тони Ренис, сите долгогдишни ветерани на фестивалот.
Се очекува во текот на седумдневниот фестивал да има проекции на околу двесте филмски наслови, да се одржат бројни тематски панели и симпозиуми, како и мастер-класови. Годинашниот добитник на Оскар за најдобар, актер Брендан Фрејзер ќе биде присутен на фестивалот, каде што ќе биде одликуван како глобален актер на годината.
Како новина, оваа година фестивалот во Искија во соработка со „Mymovies“, најважната веб-страница за стриминг на филмови во Италија, со над 500.000 корисници дневно, ја воведува можноста за истовремени дигитални проекции на сите филмови симулирајќи ги кината. Оваа веб-платформа, која постои од 2010 година, од 2015 година е и официјална платформа за стриминг на филмови на Венецијанскиот филмски фестивал и филмскиот фестивал во Локарно.
„Љубовната соба“ од 23 март до 2 април 2023 година имаше светска премиера на филмскиот фестивал Феникс во Аризона, САД. Таму филмот имаше три проекции во категорија на светски долгометражни фимови и европска премиера на „ZagrebDox“, во Загреб, Хрватска (со две проекции) во регионална конкуренција. Беше прикажан на 22 мај 2023 година во Њујорк, во официјална селекција на филмскиот фестивал „Биг Епл Филм Фестивал“ (Big Apple Film Festival) во киното „Cinema Village“, кое е едно од најстарите независни кина во уметничкиот дел на Њујорк, познат како Гринич Вилиџ, каде „Љубовната соба“ беше номиниран за награда.
По Глобалниот фестивал во Искија, најавено е учество на Меѓународниот документарен фестивал Пелопонисос, во Каламата, Грција.