„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ треба да се преведе на англиски јазик и да ја добијат гостите на филмските фестивали – порача Ана Опатиќ на промоцијата

d0897405-08e0-4a62-a1ea-2b3ee09df45c-800x360.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во опуштена атмосфера, со придружба на џез се одржа промоцијата на книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска во „Јавна соба“.


Книгата којашто е во издание на „Македоника“ е сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија од осамостојувањето на Македонија до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.

„Можеби сме мала кинематографија и оттаму тој наслов ‘Дискретниот шарм на македонскиот филм’, но многу значајна и веќе форматирана“, рече авторката Василевска, додавајќи дека книгата вклучува мемории, новинарски опсервации, перспективи на близу триесет години, во кои развојот на филмот во самостојна Македонија се поистоветува со нејзиниот личен и професионален развој.

Промоторката на книгата, Ана Опачиќ направи интересна паралела на книгата со Амели Пулен.

„Кога ја добив книгата и ја отворив се почувствував како филмската хероина Амели кога ја наоѓа малата метална кутија и во неа се сите спомени. Така и јас се чувствував-како да отворив кутија во која се сите спомени на Ана кои ги собирала сите овие години. Сега кога веќе е објавена, таа не е само на Ана, туку е книга на сите нас кои ќе ја имаме во нашите библиотеки и сметам дека сите луѓе кои се занимаваат со култура би требало да ја имаат во својата домашна библиотека“, рече Опачиќ.

Таа апелираше „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ да биде преведена на англиски јазик, а гостите на филсмкте фестивали во земјава да ја добијат во рамки на настанот со цел да се запознаат со македонската кинематографиja.

Режисерот Дарјан Пејовски, на промоцијата, истакна дека многу филмови биле снимени во Македонија во изминатите три децении, па во време кога сме бомбардирани од информации забораваме на тоа, и токму затоа оваа книгата има исклучителна важност.

Говорејќи за македонската кинематографија, Пејовски рече дека дека од 1991 до денес, таа постојано лута, хистерична е и контрадикторна, но затоа бележи големи успеси, меѓу кои три номинации за Оскар и учество на еминентни филмски фестивали меѓу кои Венеција и Кан.

Ана Василевска, родена во Скопје во 1975 година е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје. Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција. Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019- 2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга. По промоцијата, книгата ќе биде достапна во книжарниците.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK