„Дефрагментација“ – нова изложба со дела од колекцијата на МСУ од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка.

defragmentacija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Музејот на современата уметност – Скопје вечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на МСУ-Скопје, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и од Словачка – земјите кои ја сочинуваат Вишеградската група.

Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец, а ќе бидат изложени вкупно 96 дела од 86 уметници.


На оваа изложба која што претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес ќе биде претставен избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

-После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да види некои од значајните дела од колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на изложби и донациите. Kонцептот за солидарност на кој се темели МСУ е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие во современиот свет. Затоа, сметаме дека е многу важно постојаното потсетување за важноста на меѓународната соработка, која е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици, потенцираат кураторите.

Во колекцијата на МСУ се чуваат вкупно 5291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. И квантитативно, но и квалитативно делата од овие колекции претставуваат суштински дела од колекцијата и основниот концепт врз кој се темели МСУ.

-Од делата на Војтјех Прејсиг и Франтишек Музика, преку оние на Јежи Новосијелски и Тереза Паговска, па сѐ до делата на Јозеф Јанкович и Александер Трижуљак, како и Оршолја Дроздик и Јежи Трелински, оваа изложба претставува надоврзување и преиспитување на сите претходни претставувања на националните колекции. Изложбите на делата од колекцијата секогаш се добар повод за преиспитување на самата функција на музејот, како и за еден неопходен процес на дефрагментација, за метафорично ослободување на просторот и овозможување на нормално системско функционирање, велат кураторите Јанчевски и Варошанец.

Веднаш по веста за земјотресот во Скопје во 1963 година, голем број уметници од целиот свет во знак на солидарност подарија дела на градот Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност. Меѓу уметниците, исклучително важно место заземаат поединци и здруженија од Чехословачка, Полска и Унгарија, кои подариле бројни дела во различни уметнички дисциплини, со што станале значаен дел од јадрото на колекцијата на МСУ.

Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Дизајнот на промотивниот материјал е на Илиана Петрушевска.

Изложбата е реализирана во соработка и со финансиска поддршка на амбасадите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка во Република Северна Македонија.

Изложбата ќе биде отворена до 15 септември годинава.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK