Дебата на тема „Кинодистрибуцијата во време на пандемија – проблеми и предизвици“



Предизвиците со кои се соочуваат кинодистрибутерите и киноприкажувачите во земјава ќе бидат во фокус на дебатата што денеска во 11 часот ќе се организира во Џебното кино на Младинскиот културен центар. Настанот е во рамките на CINEIndustry филмскиот маркет што го организира Асоцијацијата на филмските дистрибутери на Македонија од 25 до 30 ноември.



На дебатата ќе учествуваат: Маргарита Арсова (Младински културен центар), Игор Мраков (Cineplexx MK), Јулијана Кузмановска (MCF MKD) и Огнен Антов, продуцент (Dream Factory). Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска. Арсова е координатор за меѓународни проекти во МКЦ од 2010 година. Таа е фестивалски координатор на фестивалот „Синедејс“.

Игор Мраков е маркетинг и менаџер за продажба во „Cineplexx Macedonia“.

Огнен Антов е продуцент на документарни филмови (Шнајдерките, Тутуноберачката), потоа играниот „Џган“, како и детскиот игран „Стела“, чија премиера се случи токму годинава.

Јулијана Кузмановска е главен менаџер за дистрибуција во дистрибутерската компанија „МЦФ-МКД“ од Скопје. Дебатата ќе може да се проследи на интернет-страницата на АФИДИ (afidi.org/cineindustry), како и на фејсбук-профилот CINEIndustry Film Market.

„Во услови кога целата филмска индустрија е во криза поради ситуацијата со Ковид-19, овој настан е важен зашто ќе придонесе на едно место да се слушнат мислењата за различните елементи што ја сочинуваат дистрибуцијата, нешто што речиси не се дискутира во изминатите неколку месеци. Се надеваме дека дискусијата ќе биде првиот чекор за конструктивни решенија за иднината на дистрибуцијата во земјава“, велат организаторите на настанот.

На првиот ден на маркетот, вчера продуцентот Атанас Георгиев се осврна на успешната дистрибуција на документарецот „Медена земја“, кој е најуспешниот документарен филм во историјата на македонската кинемаграфија. Тој освои две номинации за Оскар – за најдобар документарен филм и за странски филм.

Тој одржа мастер-клас што предизвика внимание и прашања. „Верувајте во себе и не се откажувајте“ – им порача тој на своите помлади колеги-продуценти. Георгиев низ примери укажа како се развива интересот на светот за документаристиката, но и за огромниот скок што „Медена земја“ го направи на светско ниво и погледот што го смени за овој жанр, воопшто.