Дебата: Кинодистрибуција во време на глобална пандемија


Намалена посетеност на кино салите, системски проблеми, пиратско симнување филмови, заборавена од државата и ставена на исто ниво со кафулињата, кафеаните и обложувалниците, се само дел од предизвиците и проблемите со кои се соочува филмската индустрија во нашата држава, а кои беа изнесени денеска на дебатата на тема „Кинодистрибуција во време на глобална пандемија“.



Дебатата, што се одржа во Џебното кино на Младинскиот културен центар во Скопје, ја органзираше Асоцијацијата на филмските дистрибутери на Северна Македонија во рамките на CINEIndustry филмскиот маркет.

Модератор на дебатата беше Сребра Ѓорѓијевска, а ан неа учествуваа Маргарита Арсова, координатор за меѓународни проекти во МКЦ и фестивалски координатор на фестивалот „Синедејс“, Игор Мраков, менаџер за маркетинг и продажба во „Синеплеск Македонија“, Огнен Антов, продуцент на документарни филмови (Шнајдерките, Тутуноберачката, играниот филм „Џган“, како и детскиот игран филм „Стела“) и Јулијана Кузмановска, главен менаџер за дистрибуција во дистрибутерската компанија „МЦФ-МКД“ од Скопје.

– Културната дејност во сите нејзини сегменти беше меѓу првите што мораше  да се стави на чекање, додека се создадат услови за повторен контакт со публиката. Театрите и кино салите во цел свет и кај нас го ставија клучот на врата уште во март, а делумно почнаа со работа оваа есен. CINEIndustry  филм маркет чија основна цел е да се фокусира на секторот за дистрибуција на филмови, но и да поврзе најнови домашни филмски проекти во развој со потенцијално заинтересирани агенти за продажба и дистрибуција смета дека е многу важно да се отвори оваа тема, истакна модераторот на дебатата Ѓорѓијевска.

Првото прашање што беше дискутирано е како Ковид-19 се одрази на киноиндустријата во нашата држава.

– Кино прикажувањето во салите беше речиси непостоечко затоа што кино салите се затворија во март, а се отворија есенва. Откако се отвори кино Милениум, според последните статистики, нема повеќе од десетина луѓе дневно, што е поразителна бројка, меѓутоа од друга страна и разбирлива затоа што луѓето се уште се плашат да влезат во затворен простор со оглед на се што се случува со прогресијата на вирусот, истакна Арсова.

Таа додаде дека во текот на летниот период беа реализирани многу проекции на отворено и целиот фестивал на Синедејс беше на отворено, а заинтересираноста за ваков вид на настани беше на големо ниво. Арсова вели дека тоа им било показател дополнително да се мотивираат и да продолжат да работат на проширување на кино прикажувањето.

Мраков, пак, потсети дека „Синеплекс“ започна со работа во септември под посебни протоколи, истакнувајќи дека од публиката очекувале подобра реакција затоа што кино салите во регионот се отворија порано, а публиката брзо се врати, но тоа не беше случај и кај нас.

– Ние се уште ги имаме најригорозните мерки во околината, работиме со 30 проценти капацитет на кино салите, задолжително носење маски, што дополнително ја одвраќаше публиката. Очекувавме публиката да се врати, икао не на ниво со кое затворивме, додаде Мраков.

Кузмановска, од своја страна, нагласи дека „МЦФ-МКД“ е дистрибутерската компанија што ги носи големите мега хитови од Холивуд и европските филмови. Премиерите на многу филмови беа одложени, а во моментов „МЦФ-МКД“ ги носи само европските филмови и дел од независните филмови. Таа истакна дека има информација и покрај тоа што не ги носат големите филмови, тие цело време се одложуваат, со оглед на целата ситуација што нема крај.

Кузмановска вели дека европските независни филмови го спасуваат овој период, односно ја пополнуваат дупката на големите филмови и очекува дека повторно ќе се прикажуваат, но нема сознание кога точно ќе почнат со прикажување во кино салите.

Огнен Антов продуцент на долгометражниот филм за деца „Стела“ истакна дека премиерата беше закажана на 23 март во „Синеплекс“, но и покрај тоа што биле подготвени на се за ситуацијата со коронавирусот, немале никаков план.

– Во мај и јуни мерките се олабавија, но кино салите и нас како дејност сите не заборавија дека воопшто постоиме, додаде Антов.

Тој истакна дека има парадокс казината и кафеаните да работат во простор каде што може да циркулира вирусот, а во исто време  кино салите, кои се простор со модерни вентилации каде, според него, научно е докажано дека е многу тешка циркулацијата на вирусот, беа отворени со комплетни протоколи.

Филмот „Стела“ беше прикажан на отворено на филмскиот фестивал Синедејс, а интересот за филмот беше огромен. Антов вели дека во услови на пандемија таа дистрибуција што ја имаше „Стела“ веројатно би бил ултимативниот рекорд на гледаност во нашата држава. Првиот викенд гледаноста на филмот била на ниво со блокбастерот „Тенет“.

Антов истакна дека интерес за гледање филмови и во нашата држава има и веројатно имаме и системски проблем зошто луѓето не одат во кино. Тој вели дека системскиот проблем е на ниво на цела држава.

Како уште еден проблем со кој се соочува филмската индустрија кај нас и во регионот беше посочено симнувањето филмови од интернет. Кузмановска истакна дека кај нас не постојат никакви мерки околу тој проблем, додека во странство се практикуваат.

– Многу сме осудувани бидејќи имаме мали рејтинзи од прикажувањето на нашите филмови. Често не прашуваат зошто се мали бројките, а филмот бил пуштен на интернет една недела пред да се прикаже во кино. Тука сите ние губиме, а тоа е проблем уште пред пандемијата, додаде Кузмановска.

Говорниците оценија дека како да се заборавени од државата и доколку не добијат помош ќе ги изгубат и кината и дистрибуциите.

– Не ми се допаѓа реториката на институциите што не ставаат во ист кош со кафеаните и дискотеките. Се случува инцидент во некоја кафеана што не почитува протоколи и ние сме одма ставени во ист кош, а не сме безбедни како затворен простор, вели Мраков.

На прашањето дали воопшто се обратиле на институциите за помош, Антов изјави дека не само што се заборавени, туку многу државни институции воопшто немаат идеја кои сектори придонесуваат во вкупниот бруто домашниот производ.

– Вториот проблем е системски проблем на генерации што не се едуцирани и не се едуцираат во моментов. Јас пробав да најдам еден податок и не сум сигурен дали е точен, но во Законот за основно и средно образование се уште постои дел што се вика задолжителна посета на кино, театар или музеј, што треба професорите да ја организираат, а знам лично дека доколку кое било училиште се обрати за специјална цена ќе ја добијат специјалната цена што може секој да си дозволи, додава Антов.

Говорниците истакнаа дека проблемот е во тоа што целата одговорност е оставена на наставниците, кои немаат поддршка од училиштата или локалната самоуправа.

Антов вели дека во моментов поради коронавирусот не се во можност да преземат никакви промени, а истакна дека државните институции не функционираат како што треба кога станува збор за вакви работи и дека треба да има некој кој е задолжен во тој сектор и да им помогне кога имаат проблем.

– Со вакво темпо ќе изумре културата во нашата држава, нормално дека во моментов има приоритети, иако има мерки за помош, не се конкретни мерки што ќе го покријат секторот на културата. Мора да се направи една сегментација да се види колку се губи, не се само приходите во прашање, ке замре и културата и повторно ќе се вратиме на оној период  кога се изгуби културата на одење в кино, истакна Мраков.