Биенална изложба „Скици 2022“ на кумановскиот Центар за култура гостува во Велинград, Р. Бугарија

izlozba
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Уметничката галерија во Велинград, Република Бугарија, утре ќе биде отворена биеналната изложба на слики „Скици 2022“,која содржи триесетина дела на академски сликари кои живеат и работат во Куманово, информираа денеска надлежните од Центарот за култура.

Кумановските уметници ќе се презентираат пред публиката во Бугарија, како резултат на добрата соработка помеѓу НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово и Уметничката галерија „Цвета Шуманова“ – Велинград. Овој меѓународен проект ќе биде дел од програмата на јубилејното 50-то издание на Велинградските денови на културата во организација на тамошните општина и галерија.


– Преку културата и запознавањето сакаме да придонесеме за зближување на нашите две држави. Се заблагодаруваме на поканата од галеријата од Велинград. Исто така имаме покана и од галеријата од град Плевен, во Бугарија за гостување и во тамошната галерија. Последниве пет – шест години Куманово стана расадник на млади, талентирани, креативни уметници. Оваа изложба веќе ја промовиравме и во Неготино, а ќе ја промовираме и во други градови откако ќе се врати од Бугарија, затоа што навистина публиката заслужува да ја види, изјави директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски.

Изложбата „Скици 2022“ опфаќа дела од 14 ликовни уметници од Куманово, Зоран Јакимовски, Мухамедали Алили-Дали, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски-Бабата, Милена Арсовска, Симона Јакимовска, Александар Стефановски, Ана Јовановска, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски, Марија Величковска и Симона Димковиќ.

Осмото издание на биеналната изложба на цртежи „Скици 2022“ е проект на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ и е дел од годишната програма на Министерство за култура.

– Можноста за вклучување на повеќе категории на ликовни уметници (сликари, графичари, скулптори), како и слободата во изборот на техниката и темата понуди разновидни инвентивни цртачки решенија базирани пред сè на индивидуални афинитети и изразни можности. Цртежите се дадени како почетна идеја за реализација на подоцнежни визуелни решенија, но дел од нив се конципирани како комплетни самостојни завршени ликовни дела способни независно да егзистираат во просторот, појаснуваат од Центарот за култура.

Од Центарот за култура очекуваат возвратна посета на ликовните уметници од Велинград во Куманово.

Изложбата е финансирана од Министерството за култура, а во организација на Центарот за култура Куманово.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK