Годинешното 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 23 до 29 септември во Битола, а ќе биде отворено со македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски.
На денешната конференција за новинарите која се одржа во „Хотел Парк и спа“, директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски го соопшти добитникот на Златна камера 300 за животен опус, а претседателот на Друштвото на филмски работници, Игор Иванов- Изи го претстави лауреатот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
– Познатата македонската актерка и продуцент Лабина Митевска е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија. Наградата на Митевска свечено ќе и биде врачена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”.
Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признание за посебна контрибуција кон македонскиот филм и од самиот старт критериумот е подигнат толку високо, што навистина не е лесно да се најде вистински кандидат и достоен лауреат. Оваа година се одлучивме за ѕвезда која долги години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еденод најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм. Станува збор за исклучителна актерка со која и лично сум имал можност да соработувам. Едно од најсензибилните и најфотогенични лица во современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, истакна на денешната прес-конференција, Претстедателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи.
Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, глумица (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020), Северџан Бајрам, актер (2021) и Горјан Тозија, филмски продуцент (2022).
– Оскаровецот Питер Бижу, кинематограферот на „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „9 ½ недели“, „Ричард III“ и редица други антологиски филмски остварувања е годинешен добитник на наградата Златна камера 300 за животен опус, соопшти директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски.
Бижу има работено со бројни звучни режисерски имиња од светот на филмот како Алан Паркер, со кого се закитија со Оскар во 1988. за драмата „Мисисипи гори“ со актерскиот тандем Џин Хекман и Вилем Дефо, а со Џим Шеридан, Питер Вир и Луј Мал ги снимија антологиските филмови „Во името на таткото“ со Дениел Деј Луис, „Трумановото шоу“ со Џим Кери и „Штета“ со Џереми Ајронс и Жилиет Бинош.
Тандемската соработка меѓу Бижу и Паркер започна во 1976. година со филмот „Багзи Мелоун“, кога беше лансиран талентот на подоцнежната актерска sвезда Џоди Фостер, а заедно работеа и на антологиското дело од 1982. „Пинк Флојд: Sидот“.
Во плодната кариера на Бижу специфична е соработката и со прославената актерско-сценаристичко-режисерка група Монти Пајтон со чиј култен режисер Тери Гилијам во 1979. Бижу го сними „Животот на Брајан“, бурлескна комедија / пародија за животот на Исус од Назарет, а во 1981. „Временски бандити“.
По Венеција, „Домаќинство за почетници“ на отворањето на Манаки
По светската премиера на филмскиот фестивал во Венеција, филмот „Домаќинство за почетници“, по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција, ќе го отвори 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата “Мала камера 300” на нашиот фестивал во 2018. за краткиот филм “Види ја ти неа” во режија на Горан Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски, по неговото деби со наградуваниот филм “Сестри”.
„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.
Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Челај од Косово.
Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.