Збор-два за вистината и за лагата во македонскиот јазик


Човечкиот род од најстари времиња, од појавата на првите филозофи до денес е во потрага по вистината! Многу филозофски расправи се темелат токму на тоа да се покаже што е вистина, како за светот што нè опкружува така и за нашите мисли и за јазикот на кој ги оформуваме. Од теоријата на Конфуциј за вистинитоста на зборовите, преку расправата „Кратил“ од Платон и многубројните филозофски расправи низ вековите, па сè до денешни дни, луѓето сакаат да ја пронајдат вистината – вистината за природата и за општеството, вистината вградена во зборовите со кои се разменуваат податоци, се пишуваат книги, се менува општеството околу нас. Римскиот филозоф Сенека рекол: Veritatis simplex oratio est, или во превод: Едноставен е јазикот на вистината! Но, дали е така и во македонскиот јазик?


 

Зборот ВИСТИНА во македонскиот јазик има едноставна прасловенска (индоевропска) етимологија, односно во коренот ја содржи придавката ист, со значење ‘тој што стои до првиот’, ‘што изгледа/личи на тоа што е во реалноста’. Кога ги искажуваме зборовите на македонски (и на сите други јазици), со нив ги именуваме предметите и појавите од нашата стварност и тие зборови треба да бидат исти како нашата стварност, да ја отсликуваат неа! Уште повеќе, Македонците во зборот вистина го вградиле и предлогот в(о), односно имаме в+истина, или со други зборови, го подзасилиле зборот покажувајќи дека овде, на оваа почва, внатре, во суштината на нештата, се крие вистината! Само на македонската територија од целиот словенски јазичен свет, оваа именка се јавува во ваква форма.

Од друга страна, го имаме зборот ЛАГА, повторно уникатен во словенскиот свет и со потекло од индоевропски корен со исто значење, но го имаме и дијалектниот збор маменица изведен од глаголот мами со првобитно значење ‘лебди, се тетерави’. За разлика од зборот вистина, којшто има едно единствено значење, зборот лага во Толковниот речник на македонскиот јазик е даден со две значења: „1. Исказ што не е вистинит, што не е точен. (…) 2. Измама, намерно искривување на вистината, невистина (…).“ (ТРМЈ III: 9). За разлика од вистината, за која се дискутирало и се пишувало од дамнешни времиња, расправите за лагата се појавени подоцна и првите филозофски размислувања за неа му се припишуваат на Св. Августин (354–430), кој лагата ја сметал за грев бидејќи човековиот јазик служи за пренесување на мислите меѓу луѓето, а не за лажење, па затоа тој што го користи јазикот за лаги и измами го злоупотребува, а тоа е грев.

Што се случува денес во македонскиот јазик и во македонскиот простор во однос на разбирањето? Колку мисли искажани на македонски можеме да ги сметаме за вистина? Каква реалност создаваат изјави, искажани на македонски, за кои веќе другиот ден сфаќаме дека биле лажни, па се заменуваат со други изјави кои се во спротивност со законите на логиката, така што честопати обичните луѓе, слушајќи го тој и таков македонски јазик, почнуваат да се сомневаат во својот здрав разум и во логичкото расудување! Е, со такви изјави ни беше накалемена придавка на нашето библиско име Македонија, ни беше ветувана светла европска иднина, ни беа ветувани добрососедски односи, ни беа ветувани вакцини, ни беа сервирани сценарија за судски процеси, ни се ветува подобро школство без историја и географија, ни се ветува чување на придавката македонски во називите и така натаму, и така натаму! Не сакам повеќе да набројувам, списокот би бил долг, а моите мудри сограѓани, „обичните“ Македонци и сите други, знаат да ја препознаат вистината и да ја одделат од лагата. Но, вака, погрешно употребуван, мојот/нашиот македонски јазик ја губи тежината на кажаното, ја брише вистината содржана во зборовите и ги прави зборовите само обично шумолење во просторот!А кому му е нужно тоа или чуму ни е? Дали за интересите на источниот сосед, кој сака да ни ги укине историјата и јазикот наш македонски оти и во него е вградена нашата историја, дали за интересите на јужниот сосед, заради кого сменивме име во 21 век? Заради нив ли си ги заборавивме вистинските значења на зборовите, па наместо вистина, слушаме лаги, а лагите се многу посложени од вистината: тие можат да значат и измама и клевета, а поради такви измами и клевети гинеле нашите јунаци во минатото! Дали некој посакува да (из)гинеме и денес или, едноставно, да загине македонскиот јазик, а со него и Македонците? Се надевам не! Се надевам дека едноставната вистина ќе ја победи лагата, маменицата, колку и да е таа сложена и  колку и да лебди над Македонците како темен облак.

За крај ќе кажам една мудра поговорка која вели: Зборот дупка не дупнува, ама се памети! Кога оваа едноставна мудрост ќе ја знаат сите оние на коишто треба далеку да им се слуша зборот, тогаш ќе се гордееме со вистината искажана на македонски јазик, ќе се гордееме со нашата реалност во Македонија, и ние Македонците и сите други народи што живеат овде. А дотогаш, да се потрудиме сите заедно да ја избркаме лагата од нашите простори – во интерес на вистината!

 

Веселинка Лаброска

универзитетски професор