За тенденциите за политичко затварање на историските поглавја на македонизмот (1) – Проф. д-р Митко Б. Панов

Сведоци сме на крајно апсурдните политички претензии за определување на „историската вистина“, манифестирани преку неодамнешната одлука на Владата со која беа дефинирани средновековните личности и настани како дел од „заедничка историја“ со Бугарија.

Во владината одлука беше посебно нагласено задолжителното означување на „заедничките“ личности од средновековието во согласност со договорените препораки на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, преточени во политичката одлука.

Како реакција на ваквите неприфатливи тенденции за догматизирање на историјата, во колумнa за Експрес од 11.09.2019 г., укажав дека примената на несвојствената политичка методологија за дебатирања во комисијата, всушност резултира со прифаќањето дека интерпретацијата на бугарската национална историографија за средновековното минато, која ќе стане „историска вистина“ за македонската нација.

Toa го потврди претседателот на бугарскиот дел од комисијата, проф. Ангел Димитров, во интервју за Бугарската национална телевизија од 1.10.2019 г. кој укажа дека е постигнат голем чекор во однос на средновековието, конкретизирајќи дека тоа првенствено се однесува на „оценката за цар Самуил како владетел на Бугарија, за заедничкото чествување на Св. Климент Охридски, Св. Наум Преславски и Охридски, значењето кое беше дадено на 24 мај како типичен бугарски национален празник, улогата на бугарските владетели во текот на 9-10 век за развојот не само на бугарската држава, туку и на културата во Источна Европа и во словенскиот свет“.

Бугарскиот национален предзнак во контекст на идентификувањето на договорените „заеднички“ средновековни личности и процеси, што гo вклучува и празнувањето на сесловенските просветители, е повеќе од евидентен.

Идентитетот на Гоце Делчев и неговото идентитетско врамување во „заедничката“ историја останува засега нерешен политичко-научен проблем на комисијата и на двете раководства.

Во таа смисла, очекувањата на бугарскиот државен врв беа јавно изразени на состаноците на 18.09.2019 г. и 30.09.2019 г. во насока на добивање гаранции за разрешување на сите спорни прашања за личностите и настаните од „заедничката“ историја, што треба да опфати корекции на учебниците, соодветна промена на натписите на музеите и спомен плочите, известувањето на медиумите.

Сето тоа како залог за отварањето на перспективите на земјата за членство во ЕУ. Тоа би значело дека, по примерот на Грција, интерпретацијата на бугарскиот национален наратив ќе треба да биде применет во македонските учебници, а спомениците и музеите ќе треба соодветно да ги одбележуваат прогласените „заеднички“ (бугарски) личности.

И додека бугарскиот државен врв веќе ги исцрта црвените линии, условувајќи ги ЕУ интеграциите со прифаќањето на бугарската национална историографска интерпретација за личностите и настаните од „заедничката“ историја, македонскиот премиер изрази задоволство на начинот на кој „досега се затворени четири сериозни историски поглавја“, што конкретно опфаќа „шест или седум значајни личности кои заедно ги чествуваме“.

Притоа, беше повикана комисијата да преземе храбри чекори, „засновани на фактите и на вистината“ бидејќи „фактите и вистината се јасни“. Тоа би значело дека владината визија и политичка јасност за „историската вистина“, претстои само да се преточи во формален и храбар комисиски договор кој би ги опфатил и преостатите поглавја од „заедничката“ историја.

Евидентно четирите поглавја од антиката, средновековието, османлискиот период сè до периодот на Гоце Делчев, се веќе „затворени“ и прогласени за „заедничка“ (бугарска) историја.

Низ призма на затварањето на историските поглавја, се поставува прашањето на кој начин ќе биде реализирано најавеното одбележување на највисоко ниво на 1005-годишнината од смртта на цар Самуил на 6 октомври 2019 г.

Дали ќе се земе предвид визијата на Крсте Петков Мисирков за историските поглавја, кој во книгата За Македонските работи (1903) го идентификува Самуил како централна историска фигура во легитимирањето на македонската посебност: „ние Македонците си имаме своја историја и дека сме народ чии судбини се развивале во врска со судбините на другите соседни нам народи, но и дека има во нашата историја многу самобитно и своеобразно, како што е, да речеме, самостојната Охридска архиепископија со нејзиното работење полето на народното просветување.

Исто така, овој историски поглед покажува дека речиси во сите времиња се забележува силно работење на народниот дух врз културно-историска основа, резултат на која се јавува образувањето на силна македонска држава од царот Самуил и богата народна литература“.
Дали ќе се игнорираат заложбите на Димитрија Чуповски, како и на македонската интелегенција во Русија, фокусирани кон докажувањето на македонската етничка посебност преку истакнувањето на „моќта на македонската држава за време на владеењето на цар Самуил“, кога и „познатата Охридска архиепископија била основана од големиот македонски цар Самуил“.

Што ќе биде со историското поимање на Чуповски рефлектирано во статијата За македонската нација каде се констатира дека „ние сме народ – потомци на славните претци, кои во лицето на великите Кирил и Методиј им дале светлина и вистина на целиот словенски свет. Ние – наследниците на Великиот цар Самуил…“

Дали ќе се земат предвид другите студии на Чуповски кои ја содржат истоветната историска порака за „македонскиот цар Самуил, кој ги вклучил во неговата македонска држава Албанија, Србија, Босна, Бугарија“.

Дали ќе се спомне говорот на Мисирков пред македонските претставници на сесловенскиот состанок во Одеса во предвечерјето на Првата светска војна во 1914 г., кој упатил на историското право на Македонија за државност заснована на обновата на Самуиловата држава: „Македонија, таа втора Полска, исто така има законско право на манифест за нејзиното обединување и за востановување на царството на царот Самоил“. Или, на Мисирковата статија Противотров (1924) во која се акцентира македонската автентичност заснована на Самуиловото лидерство: „Дали да зборувам за херојската борба на Македонците против Византија под воство на царот Самуил“ која според „иницијативата, манифестираната енергија и поставените цели, ја прават чисто македонска борба“.

Дали ќе се игнорира Мисирковиот рецепт за противотровот за балканските национализми и оспорувања на македонската посебност, вклучително и на историската меморија за цар Самуил, со кој се препишува македонската интелегенција да се бори преку негувањето на „независна македонска научна мисла и македонска национална свест“.

Дали ќе се пренебегне фактот дека македонските револуционери и интелектуалци во периодот меѓу двете светски војни, се зафатиле со кодифицирањето на независниот македонски национален наратив, во кој Самуил бил поставен во средиштето на слободата и државноста на Македонија.

Или, што го поттикнало Војдан Чернодрински при пишувањето на драмата Драгота (1930), во која централен мотив зазема Самуиловата борба против византискиот император Василиј II.

Дали ќе се даде одговор на прашањето кое Васил Ивановски, членот на ВМРО (Обединета) си го поставил во написот Зошто ние Македонците сме посебна нација, констатирајќи дека „државата на богомилскиот цар Самуил не беше втора бугарска држава како што сакаат да ја претстават бугарските буржоаски историчари, туку таа беше држава на Македонските Словени што постоеше паралелно со бугарското царство и српското кралство. Таа македонска словенска држава дури подоцна ги беше завладеала Бугарија и Србија“.

Или, пак, ќе се исклучат ставовите на историчарот и публицист Ангел Динев во книгата Македонските словени (1936) кој констатира дека Самуиловото царство произлегло од напорите на македонските словени за обнова на „македонската држава“, со што најмоќниот цар Самуил „ја олицетворил величината на македонскиот дух по Александар Велики“.

Што со Диневиот заклучок дека Македонците како „народ кој му ја даде азбуката на целиот словенски свет, кои ги излачи од својата утроба великиот револуционер – реформатор Богомил и Пуританецот Самуил…тој народ никогаш, никогаш нема да го заборави своето историско минато“. Или, констатацијата на македонскиот револуционер и поет Коста Рацин, содржана во книгата Драговитските Богомили (1938-1940), дека цар Самуил формирал своја нова држава, користејќи ги притоа богомилите за свои политички цели.

Проф. д-р Митко Б. Панов
Редовен професор во Институтот за национална историја – Скопје

Превземено од expres.mk

Вести

(ВИДЕО) Мицкоски за Заев: Видовме уплашен човек соочен со своите неуспеси, бараме избори за обнова на Македонија

Прашање: Господине Мицкоски еве накратко за медиумите, кажавте пред малку горе доле истото, ете вашата реакција на денешниот прес на Зоран Заев дека бара итни предвремени избори? Одговор: Видовме човек кој што е уплашен, кој што […]

Вести

В недела лидерска кај претседателот на државата

Лидерска средба на иницијатива на претседателот Стедво Пендаровски, на која ќе присустуваат претседателите на најголемите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата ќе се одржи в недела во 17:00 часот во „Вила Водно“ […]