Скопската област од 1204г. до паѓањето под османлиска власт – 6 дел

Во XIII век Скопје е често освојуван град. Имено во времето на бугараската власт во Скопје и Скопската област од 1204-1207 год., според црковните извори, епископиите на областите во Македонија кои потпаднале под бугарска власт, а со тоа и Скопската епископија, преминале под јурисдикција на трновскиот архиепископ, односно патријарх. Во времето на владеењето на Стрез, но и во првите години од српското владеење Скопската епископија се наоѓала под јурисдикција на Охридската архиепископија. По паѓањето на Скопје под бугарска власт, меѓу 1230 и 1246 год., Скопската епископија била приклучена кон Трновската патријаршија, а за време на владеењето на никејскиот цар Јован III Дука Ватац, во 1246 год., Скопската епископија била вратена под јурисдикција на Охридската архиепископија.[1]

Во 1282 година средновековната српска држава го освоила Скопје. Имено,средновековната српска држава постепено успеала да ја прошири власта надвизантиските владенија во Македонија. Освојувачките војни ги започнал српскиот крал Милутин (1282-1321).Тој без поголеми потешкотии  го освоил северниот дел на Македонија. Ослабена од внатрешните борби Византија не можела да му се противстави. Милутин без големи тешкотии ги освоил Горни и Долни Полог, Порече, Дебар, Кичево, Овче Поле, Злетово, областа Пијанец.[2] И Скопје влегува во состав на српската држава на Милутин, а во 1346 кралот Стефан Душан[3] во Скопје се прогласил за цар.

Византија, немоќна сама да им се противстави на српските освојувања, склучила сојуз со Бугарија. Меѓутоа, наследникот на Милутин,Стефан Дечански- прво ја победил бугарската војска во 1330 година кај Велбужд (денешен Ќустендил), а потоа ја принудил Византија да се откаже од војната. Така Србија ја зацврстила својата власт во поголем дел од Македонија.

Нестабилната внатрешно политичка ситуација  во Византија условена од  борбите  за   византискиот престол и овозможиле на Србија да продолжи со освојувања на нови територии во Македонија, Албанија и Грција. Притоа, во овој поглед особено се истакнал српскиот владетел Душан (1331-1355). Освојувачките војни на Душан траеле, со помали прекини, до пред крајот на неговиот живот. За тоа време тој ги проширил границите на државата на север до Дунав, а на југ до Коринтскиот Залив.[4]

Откако ја консолидирал власта во освоените  територии во Македонија, Душан се прогласил за цар на Србите и Грците, а српскиот архиепископ станал патријарх. Крунисувањето било извршено на свечен начин на соборот во Скопје, на 16. 5. 1346 година, во присуство на српскиот патријарх, охридскиот архиепископ и трновскиот патријарх.[5] Со царската круна Душан ја истакнал својата моќ и намерата Србија да ја замени Византија на Балканскиот Полуостров. Територијата на Македонија со исклучок на Солун и уште неколку градови, била вклучена во  царството на српскиот владетел Душан.

Во последните години од душановото владеење за балканските земји се јавила голема опасност од Турците- Османлии. Во 1354 година тие го зазеле Галиполскиот Полуостров и со тоа зачекориле на Балканскиот Полуостров. Душан согледал колкава е опасноста од нив. Знаел дека тешко ќе може да се бори успешно и против Византија и против Османлиите. Затоа повел преговори со папата за организирање на крстоносна војна против Османлиите. Но, набргу умрел.

Во времето на српското владеење во Македонија, Охридската архиепископија ја задржала автокефалијата.Српските владетели ги почитувале имотите и правата на манастири под јурисдикција на Охридската Архиепископија. Истото  важело и за свештенството на Охридската Архиепископија кое ги задржало приливегиите и правата.

По смртта на Душан во 1355 година авторитетот на српската централна  власт опаднал. Синот и наследникот на Душан, Урош II бил слаб владетел и не можел да ги држи во покорност феудалците. По неговото доаѓање на престолот повеќемина локални феудалци  се отцепиле од централната власт.

Од Урош прв се отцепил полубратот Душан Симеон (Синиша). Тој завладеал како цар во Тесалија, а се обидел да му го одземе на Урош и царскиот престол. По неговиот пример тргнале и другите намесници и крупни феудалци. Во Зета се осамостоиле браќата Балшиќи, во Косово со Ново Брдо, Вук Бранковиќ, кнез Лазар Хребелјановиќ и други. Во Македонија се формирале повеќе самостојни феудални држави и области. Територијата во средниот тек на реката Брегалница, со Злетово и Пијанец, ја држел деспот Оливер. На територијата од Жеглигово до Беласица и Мелник, заедно со Тиквеш, се утврдиле браќата Дејановиќ, Константин и Јован Драгаш и др.[6]

Меѓу феудалците што владееле во тоа време во Македонија најистакнати биле браќата Мрњавчевиќ – Волкашин и Углеша.[7] Уште во времето на Душан, Волкашин (1365-1371)[8] бил жупан во Прилепско. Подоцна, за време на владеењето на Урош, се здобил со звањето деспот, а во 1365 година се прогласил за крал. Неговото кралство се протегало од Призрен до Костур и од Вардар до албанските планини. Иако ја признавал власта на царот, Волкашин, всушност, во своите територии управувал како независен владетел. Сам ги уредувал односите со другите земји. Особено настојувал да одржува добри трговски врски со Дубровник. На Дубровничките трговци им ги потврдил старите привилегии што ги имале во времето на Душана. Ковал и пари што се употребиле на неговата територија.

Јован Углеша владеел во струмичката област со центар во Серез. Тој се афирмирал како угледна личност во серската област уште за време на царувањето на жената на Душан, Елена. По 1365 година и Углеша почнал да носи титула деспот.[9] Тој стоел на чело на една државна заедница што била независна од царот Урош.

Вака поделена Македонија ќе стане лесен плен на Турците-Османлии, кои по Маричката битка (1371) ќе започнат да ја покоруваат Македонија, која конечно и ќе потпадне под османлиска власт во 1395 година.[10]

Османлиите уште кон средината на XIV век, ползувајќи ја несредената положба на Византија и во балканските држави, почнале да навлегуваат на Балканскиот Полуостров. На Балканот немало доволно силна држава да го спречи продирањето на Османлиите. Српската држава, по смртта на цар Душан (1355) се распаднала, а Византија, како и Бугарија биле ослабени од внатрешните и меѓусебните борби. Во вакви услови на Османлиите не им било тешко да ги покорат балканските држави. Османлиите во средината на XIV век почнале да навлегуваат на Балканскиот Полуостров. Во 1354 година, Османлиите без големи тешкотии се префрлиле преку Дарданелите и го зазеле Галиполскиот Полуостров. Потоа, ја зазеле Источна Тракија и Одрин кој го направиле своја престолнина.

По заземањето на Источна Тракија први на удар биле земјите на феудалцитево Македонија, однoсно териториите на кралот Волкашин и деспотот Углеша.[11] Углеша бил свесен дека самиот не ќе може да го спречи навлегувањето на Османлиите во неговите земји. Затоа се обидел да организира сојуз со феудалците од Србија и Византија за одбрана и протерување на Османлиите од Балканскиот Полуостров. Но, неговиот обид не успеал. На неговата покана се одзвал само брат му, кралот Волкашин. Есента 26 септември  1371 година Волкашин и Углеша ги здружиле војските и се упатиле близу до Одрин. Известена за движењето на војските на Волкашин и Углеша, османлиската војска ненадејно го нападнала нивниот логор кај местото Черномен во близина на реката Марица. Настапил стравотен колеж во кој војската на Волкашин и Углеша била наполно разбиена. Во борбата загинале и двајцата владетели.[12]

Поразот на Маричката битка предизвикал тешки последици за Македонија. Османлиите продолжиле да навлегуваат во Македонија.Заплашени од завојувачите, феудалците од Македонија- наследникот на Волкашин кралот Марко (1371-1395) и браќата Константин и Драгаш Дејановиќи станале турски вазали. Тие, како турски вазали морале не само да ја признаваат врховната власт на султанот, туку и се задолжиле на султанот да му плаќаат годишен данок и да му помагаат со својата војска во време на војна. Од владеењата на Волкашин, Балшиќите го одзеле Призрен, а Вук Бранковиќ го одзел Скопје, а во Охрид се зацврстил како самостоен господар Андреа Грапа.

Престолнината на кралот Марко бил градот Прилеп. Волкашин го прогласува синот Марко за млад крал, односно за свој наследник (помеѓу 1. IX 1370 и 31. VIII 1371). Марко ја продолжил соработката со Охридската архиеписопија[13], обезбедувајќи ѝ на својата држава црковна поткрепа. Градот Скопје и Скопската област по септември 1371 година влегувале целосно во независната држава на кралот Марко, но постепено некои делови на областа и градот, паднале под власта на други господари.[14] Од 1372 година, со исклучок на Скопската еписопија до 1376 година, кога Скопје го зел Вук Бранковиќ, сите негови територии влегувале во составот на Охридската архиепископија, додека по стеснувањето на неговата држава на просторот на Пелагонија, северозападно и јужно од Скопје, како и Западна Македонија, архиерејската должност ја вршел Пелагонискиот митрополит Јован.[15]

Кралот Марко е последниот христијански крал пред османлиското завладување, успева да ја задржи внатрешната самоуправа на државата, владее независно од српските големци, води активна надворешна политика, а османлиски вазал или сојузник станува најверојатно по 1385 година. Завладувањето на целата територија на Македонија, освен градот Солун (V 1430) се случило по битката кај Ровине (1395), кога кралот Марко загинал заедно со Константин Дејанов.[16]

До 1377 год. кралот Марко живописал и дел од Марковиот Манастир во с.Сушица. а се спомнува и како ктитор на манастирот Св.Никола Шишевски, во долината на Матка. Младиот крал Андријаш,  во 1389 год. го изградил и живописал манастирот Св. Андреја кај Матка.[17]

Градот Скопје паднал под османлиска власт на 6 јануари 1392 год.[18], анабргу била воспоставена османлиска власт и во Скопската околина кои му припаѓале на кралот Марко[19], по долината на денешна Маркова Река и на кралот Андријаш по долината на реката Треска.  Имотите на Марко и неговиот брат, уште некоја година задржале автономија поради нивниот вазален статус. Областа на Андријаш, под турска власт паднала во летото 1394 год., така Андријаш заминува во Дубровник, а потоа на унгарскиот двор, а териториите под власта на кралот Марко целосно биле анектирани кон Османлиската држава по смртта на кралот Марко.[20]

[1]Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 225-227.

[2]Бранко Панов, Средновековна Македонија III…, 91.

[3] По смртта на кралот Милутин, царот Душан ги продолжил освојувачките војни на Србија во Македониjа, и успеал да ја освои цела Македонија со исклучок на Солун. (В. Бранко Панов. Средновековна Македонија III…, 92).

[4]Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…,10.

[5]Бранко Панов, Средновековна Македонија III…, 94; Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 217.

[6]Милан Бошкоски,Скопје и скопската област…,191.; Бранко Панов, Средновековна Македонија III…, 89-96; Александар Атанасовски, Македонија во XIV век, Тетово 2009, 105.

[7] Мавро Орбини пишува дека се родиле во Ливно, Херцеговина. Нивен татко е Мрњава, кој во почетокот бил сиромашен благородник, но заедно со синовите се издигна благодарение на царот Стефан. Еден ден Мрњава го угостил Стефан во својот дом и царот како благодарност го повел заедно со неговата жена, тројцата сина (Волкашин, Углеша и Гојко) и двете ќерки на својот двор во Скопје. (Mavro Orbini, Kraljevstvo Slavena. Zagreb: Golden marketing, Narodne novine, 1999, 338, Сп Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 234).

[8] Во Скопје Волкашин е присутен уште од времето пред прогласувањето на Стефан Душан за цар, па сè до септември 1371 година, кога заминал на р. Марица, каде што загинал во битката со Турците. (Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 234).

[9] Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 235.

[10]Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 236.

[11] Кралот Волкашин владеел во Западна Македонија, а деспотот Углеша во Источна Македонија со центар во градот Серез. (В. Билјана Ристовска-Јосифовска, За именувањата на Мрњавчевци во македонската и во српската традиција и историографија (споредбен аспект). http://philologicalstudies.org/dokumenti/2007/vol2/8.pdf. Проверено на 25.1.2016)

[12] Мавро Орбини за овој настан ќе напише: “Турците тргнаа во потера по нив, а овие стигнаа до реката Хебра, денес Марица, се фрлија заедно со коњите во реката како не би паднале во рацете на непријателите. Повеќемина се натопија во реката, заедно со Углеша и неговиот брат Гојко кој и заповедаше на војската. Кралот Волкашин чувствуваше голема жед и застана да се напие од еден извор. Неговиот штитоносец Никола Хрсојевиќ ја здогледа тогаш ѓерданот околу неговиот врат, заради кој го уби кај селото Караманли, каде што Рашаните се судриле со Турците, недалеку тврдината Черномен во Тракија. Волкашиновото тело потоа е пренесено во црквата Свети Димитрија во Сушица, во Рашка, но никаде не се пронајдени телата на Углеша и Гојко. Оние кои во оваа битка не загинаа, биле фатени живи и одведени во заточеништво, ова се случи во 1371 год., на 26. септември.” (Mavro Orbini, Kraljevstvo Slavena..., 341).

[13]Славко Димевски, Историја на МПЦ …, 163.

[14] По осамостојувањето на Драгишите околу 1371 година, североисточните и југоисточните делови до сливот на р.Пчиња во Вардар преминале под нивна власт. Од 1377 година, Скопје и дел од северозападниот дел на областа, паднале под власта на Вук Бранковиќ. Со преостанатиот дел од Скопската област, на запад по долината на реката Треска, управувал Андријаш, братот на Марко, а областите југозападно од Скопје, десно од реката Вардар и долината на Маркова Река и натаму останале под директна управа на новиот владетел, кралот Марко. (Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 253, 269).

[15]Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 275.

[16] Билјана Ристовска-Јосифовска, За именувањата на Мрњавчевци во македонската и во српската традиција и историографија (споредбен аспект).http://philologicalstudies.org/dokumenti/2007/vol2/8.pdf. Проверено на 25.1.2016)

[17]Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 276-277.

[18]Драги Ѓорѓиев, Скопје од турското освојување до крајот на XVII век, Скопје: 1997, 5, 19. Оваа дата е забележана на книгата Цветен триодпишуван од монахот Стефан од манастирот Свети Теодор: лето 6900 (одговара на периодот: 1 септември 1391-31 август 1392) кога Турците го презедоа Скопје, месец 6 јануари. Манастирот Свети Теодор бил изграден во XIII век и се наоѓал на планината Водно над селото Водно. Денес не постојат ниту селото, ниту манастирот. (Дејан Борисов,”Црквата во Скопје и скопско под турска власт до крајот на XIX век”, Годишен зборник 14-15, Богословски факултет, Скопје: 2008-2009, 147; Добрила Миловска, Написа своеју рукоју, Скопје: Каприкорнус, 2013, 43).

[19]По смртта на кралот Марко во 1395 година, се верува дека следната година османлиските власти Скопската епархија, чиј епископ бил Матеј, и ја вратиле на Охридската архиепископија. (Грујић, Скопска митрополија…, 189-190; Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 277).

[20] Иван Микулчиќ, Средновековни градови… 294; Милан Бошкоски, Скопје и скопската област…, 273-274.


Извадок од книгата “Манастирите во скопската област како духовни и културни центри во средниот век

на М-р Славица Урумова – Марковска

 

Вести

В недела лидерска кај претседателот на државата

Лидерска средба на иницијатива на претседателот Стедво Пендаровски, на која ќе присустуваат претседателите на најголемите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата ќе се одржи в недела во 17:00 часот во „Вила Водно“ […]

Вести

Мицкоски: Повикувам на средба на државниот врв, изборите се логично решение, во меѓувреме потребни се итни реформи

Недобивањето на датум за избори е лоша и непосакувана вест за Македонија. Треба да бидеме свесни дека државата влегува во разочарување и сето ова е последица на погрешните политики водени во последните неколку години. Ќе […]

Вести

Пендаровски: Сега не е време за калкулации и политички поени, туку за обединување околу нашата иднина

Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата […]