Проф. Цицонков: За климатските промени, од друг агол


Од 6 до 18 ноември 2022 се одржува 27-та конференцијата на Обединетите Нации (ОН) за климатски промени наречена COP (Conference of Parties) во египетското туристичко место Шарм ел-Шеик.

 

 

Оваа конференција се одржува кон крајот на годинава во која се забележани разорни поплави и невидени топлински бранови, силни суши и страшни бури, голем број временски катастрофи, со очигледни знаци за климатска вонредна состојба. Во исто време, милиони луѓе ширум светот се соочуваат со влијанијата на кризи во енергетиката, храната, водата и трошоците за живот, отежнати со тешки геополитички конфликти, политички и економски миграции. Во овој неповолен контекст, некои земји почнаа да ги менуваат политиките за климата со зголемување на употребата на фосилните горива, спротивно на напорите за намалување на емисиите на стакленички гасови.

 

“Ние сме на автопатот кон климатскиот пекол со ногата која сè уште притиска на гас“, предупреди генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на отворањето на самитот. Главна тема која се повторува речиси на сите климатски собири е јазот помеѓу ветувањата и нивното спроведување.

 

Но СОР27 се одржува со намера светот да се бори против климатските промени и последиците од нив. На собирот има преку 2.000 учесници меѓу кои и над 100 претседатели на држави и премиери, но и министри и високи функционери на разни институции итн. Многу од нив присуствуваат за да му дадат поголемо значење на проблемот, да покажат дека се грижат за животната средина, но и заради зголемување на сопствениот имиџ.

 

Кога сме кај политичарите, да кажам дека САД, во времето на претседателот Бил Клинтон, не сакаше да го ратификува Кјото протоколот со кој се прдвидува редукција на стакленички гасови од страна на развиените земји. Изговор беше дека тоа ќе ја попречува нивната економија. Потпретседател на САД во тоа време беше Ал Гор. По завршување на мандатот, Ал Гор направи документарен филм на тема климатски промени и доби Нобелова награда за тоа. Ова не ми е јасно до ден денес.

 

Не можам а да не се осврнам на говорот на претседателот на Бугарија Румен Радев на конференцијата COP27 во Египет. Тој изјави дека “Климатските промени се глобална закана и може да се решат само со глобален одговор“. Претседателов даде погрешна изјава, веројатно не ја познава доволно проблематиката. Климатските промени не се решаваат глобално, туку почнувајќи од самиот себе, секој поединечно, потоа во семејството дома и нагоре кон сите слоеви и структури на општеството.

 

Покрај делегатите од сите земји во светот, на сите досегашни климатски конференции (COP-ови) имало многу лобисти, едни за заштита на животната средина и други (дискретни) за користење на фосилни горива во обид да ја заштитат својата индустрија (задржување на јагленот, нафтата и гасот).

 

Јас лично не сум бил во Шарм ел-Шеик иако сум видел реклами кај некои наши туристички агенции за аранжмани во тоа туристичко место. Учесниците на самитот таму имаат услови и за релаксација и уживање по завршување на состаноците, преговорите и дискусиите. Но според мене, суштинските разговори и преговори се водат на друго место. Скоро во цел свет има капиталистичко уредување кое се заснова на пазарна економија, односно на остварување профит. Погледајте ги берзите и пазарите на фосилни горива (нафта и природен гас), производителите и трговците немаат милост. Цените на горивата пораснаа неколку пати, не затоа што пораснале трошоците на производство, туку ги користат стекнатите позиции кога ќе се појави поголема побарувачка, некоја политичка криза, критичка изјава на некој висок функционер, некој вооружен судир и др. И информирајте се кои земји се најголеми производители и кои компании се најголемите трговци со нафта и гас (фосилни горива). Решавањето на проблемите со климатските промени зависи најмногу од нив, бидејќи емисиите на СО2 се создаваат од согорување на фосилните горива. Се разбира има и други чинители кои се борат против климатските промени, но нивното делување не е толку моќно.

 

Според организаторите на COP27 клучна цел на собирот е да се обезбеди целосна имплементација на Парискиот договор за климатски промени од 2015 година. Но ако се земат предвид сите показатели (концентација на СО2, покачени температури, …) и катастрофалните поплави, суши, топлински бранови по Парискиот договор, тогаш гледаме дека целите не се постигнуваат. Кога почнав да ја пишувам оваа колумна, сакав да го ставам истиот наслов како и Билјана Ванковска од минатата недела “На Запад ништо ново“ според делото на Рамарк. Не би згрешил и ако го ставам насловот “На Запад скоро ништо ново“.

 

По завршување на климатската конференција (по 18.11.2022) можеби ќе подготвам уште една колумна на оваа тема ако има некои интересни и значајни предлози, одлуки и резултати.

 

Проф. д-р Ристо Цицонков,

Машински факултет – Скопје

Уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)

14.11.2022