Проф. Цицонков: Клупи на кејот на Вардар, испариле ?!

risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дали е можно клупи за седење да испарат? Да, во Скопје и тоа е можно! Клупи направени од дрво и челик ставени на пешачката патека на кејот на Вардар ги нема, испариле. А колку клупи, две или три? Не, нивниот број е над 80, а ги снема во текот на оваа пролет-лето сезона во рок од неколку месеци.

Советникот во Град Скопје д-р Никола Пановски пријавил исчезнување на 29 клупи во март 2024 година. Но јас сум сведок дека по тој датум исчезнаа уште многу клупи. Само на пешачката патека на кејот долж потегот кај Карпош 3 и 4 исчезнати се околу 50 клупи. А на потегот кај Градски парк исто така има исчезнато многу клупи. Вкупниот број е можеби 80 до 100?! Претпоставувам дека овие исчезнати клупи се украдени.



На кејот беа поставени клупи пред околу десет години. Беа направени од челик и дрво, со метални ногарки прицврстени во бетонска подлога (види слика). Заради заштита од атмосферски влијанија, еднаш или два пати во минатото беа премачкани со заштитен лак. Тие беа квалитетни и можеа да служат уште долго време.

Изглед на претходните (старите) клупи

Не ми е јасна причината зошто овие клупи беа заменети со нови клупи пред околу една година. Бидејќи старите клупи беа здраво прицврстени за подлогата, извршителот на работите при замената не можел да ги откорне и затоа ги исекол металните ногарки (види слика). Новите клупи се прицврстени само со 4 обични шрафа за постоечката бетонска подлога така што многу лесно можат да бидат одвртени. Тоа значи многу лесни за крадење. Од сликата се гледа дека нема траги дека тука биле монтирани нови клупи, а се гледаат само траги од старите клупи.

Исечени ногарки на претходните (старите) клупи

Не ми е јасно зошто не се преземаа мерки по првите кражби на неколку клупи? Можеа да ги прицврстат дополнително останатите клупи (да не бидат лесни за крадење) или едноставно привремено да ги тргнат додека да се најде соодветно решение.

Не ми е јасно како досега не се откриени лицата што ги земале (украле) клупите. Постојат и технички можности со скриена камера, со дронови и др. Кражбите траат веќе неколку месеци. Можеби нема информација за јавност во интерес на истрагата која е во тек?

Постари луѓе шетаа на кејот со своите внуци, а сега речиси ги нема бидејќи нема каде да седнат и да се одморат. Но голем број луѓе во неможност да одат на викенд надвор од Скопје доаѓаат на кејот да поминат извесно време во пријатен амбиент покрај реката. Имаше моменти кога човек не можеше да најде слободна клупа.

Од горе наведените факти може да се согледа каде е вината. Зошто Градот Скопје ги замени претходните клупи кои што беа во солидна состојба? Од Градот сигурно ја префрлуваат топката кон полицијата што не може да ги открие сторителите на кражбата на новите клупи? Но за да се согледа состојбата подобро ќе ја наведам следнава споредба. Тоа е како да оставите незаклучен стан во кој имало пари и некој крадец лесно ги украл, а полицијата е виновна бидејќи не може да го открие крадецот.

На крај да го кажам најважното. Нема клупи на кејот на Вардар.

Луѓето (особено постарите) нема каде да седнат и да се одморат. Ставете нови клупи, а после “исправајте криви Дрини“.

Ристо Цицонков, граѓанин на Скопје

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK