Проф. Цицонков: КЛИМАТСКА (НЕ)ПРАВДА И COP27


Конференцијата за климатски промени која што се одржува секоја година под покровителство на Обединетите нации (ОН) наречена COP (Conference of Parties) почна на 6 ноември 2022 и требаше да заврши на 18 ноември. Но како и минатите конференции и оваа имаше продолжение од два дена поради разлики во ставовите на развиените земји и земјите во развој, а главниот проблем се парите.

 

 

Познат е фактот дека главната одговорност за климатските промени ја сносат развиените земји кои минатите 200 години имаат испуштaно во атмосферата милијарди тони стакленички гасови, најмногу јаглерод-диоксид (СО2). Од друга страна, сиромашните земји, кои испуштаат занемарливи количества на стакленички гасови, страдаат најмногу од екстремните климатски појави (поплави, суши, уништено земјоделство, …). Затоа, тие бараат од развиените земји да се воспостави механизам кој ќе обезбедува фонд за финансирање на загубите и штетите предизвикани од екстремните временски влијанија. Развиените земји се спротивставуваат на ова барање, кое никогаш не било дел од официјалната агенда на разговорите на ОН, плашејќи се дека може да предизвика судски спорови и барања за компензација во големи размери. Значи, не прифаќаат правна одговорност иако сите факти укажуваат дека богатите земји се одговорни за огромното количeство емисии на стакленички гасови испуштани во атмосферата во минатото и денес. По цела ноќ дискусии и “расправии“, во неделата претпладне (20.11.2022) била постигната согласност да се донесе декларација за одобрување на таквото барање за воспоставување на фонд за финансирање на загуби и штети. Ова е само еден чекор во процесот за отстранување на климатската неправда кон милијарди луѓе, особено во глобалниот југ, кои се најмалку одговорни, но се во првите редови на климатската криза.

А еве ги фактите наведени во документите од 2021 година на Меѓународната агенција за енергија (IEA) со седиште во Париз. Емисиите на СО2 по жител во развиените земји изнесувале 8,34 тони, во САД 14,4 тони, а во земјите од Африка 0,97 тони. А најпогодени од климатските катастрофи се земјите во Африка. Свеж конкретен пример: во септември 2022 во Пакистан, земја со 220 милиони жители, имаше катастрофална поплава при што 1/3 од земјата беше под вода, со голем број човечки жртви. Во оваа земја, емисиите на CO2 се 0,81 тони/жител.

А како ќе се наплаќаат загубите на луѓето жртви од временските непогоди? Колу чинат животите на илјадници починати деца заради немање храна од големите суши, особено во Африка? Според тоа, овој фонд за загуби и штети може само делумно да помогне, но решението е во спречување на климатските промени. Меѓутоа, за ова нема шанси во следните децении, а можеби и векови.

Јас го почнав овој напис со крајот на кoнференцијата. Инаку, главната цел на СОР27 беше да се обезбедат услови за целосна имплементација на Парискиот договор за климатски промени донесен во 2015 година. Првиот услов е да се направат потребни трансформации за спроведување на Парискиот договор и да се преземат конкретни акции. Вториот услов е да се направи напредок во критичните работни процеси на ублажување, адаптација и засилување на финансиите за справување со климатските промени. Третиот услов е подобрување на принципите на транспарентност и одговорност на земјите во процесот за справување со климатските промени.

По двонеделната дискусија проследена и со многу несогласувања, во завршната декларација на настанот речиси сите земји ја потврдија претходната одлука (од СОР26) за постепено исфрлување на јагленот од употреба. Меѓутоа, во документот не се споменуваат нафтата и гасот. Тоа значи дека и понатаму ќе се истражуваат и експлоатираат нови извори на нафта и природен гас, а тоа се фосилни горива, што значи дополнителни емисии на СО2.

На ова треба да се додадат разни геополитички тензии во некои делови во светот и плус војната во Украина, всушност војна помеѓу Русија и НАТО која предизвика и енергетска криза, особено изразена во Европа. Оваа криза покажува слика на голема зависност на сите земји од фосилни горива. Тоа е показател дека редукциите на емисиите на СО2 нема да се одвиваат според Парискиот договор.

На секоја климатска конференција досега учесниците изјавуваа дека работеле многу напорно, но дека постигнале согласност и договор за многу работи и го прогласуваа самитот за многу успешен. Но дали е тоа така? Катастрофите и последиците кажуваат нешто спротивно, а како доказ може да послужи и постојаното зголемување на емисиите на СО2 прикажано на следниот дијаграм (извор: IEA):

Ништо суштинско не се случи на СОР27, освен донесување на декларацијата дека ќе се воспостави фонд за финансирање на загуби и штети предизвикани од климатските катастрофи. Според мое мислење, потребен е радикален пресврт на уредувањето и начинот на живеење во светот. Сè додека пазарната економија, односно профитот имаат приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.

Неколку илјади учесници на годишната конференција за климатски промени СОР27 во Шарм ел-Шеик (Египет), 14 дена, нека ви е на здравје престојот таму!

 

Проф. д-р Ристо Цицонков,

Машински факултет – Скопје

Уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)

23.11.2022