Проф. Цицонков: ХЕЦ ЧЕБРЕН – ВИСОКА БРАНА, ПРЕВИСОКА ЦЕНА?!

risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Деновиве стана актуелна темата за изградба на хидро-електричната централа (ХЕЦ) Чебрен на Црна Река во Мариово. Првите студии и идејни проекти за овој објект датираат од 1963 година, а во последниве триесетина години изградбата на објектот е предвидена во сите стратегии за енергетски развој на Република Македонија (РМ). Направена е голема грешка што досега не се изгради, а главна причина е барањето на стратешки партнер за формирање на јавно-приватно претпријатие за што беа распишани повеќе тендери кои завршија без успех.

Во тек е нова постапка за реализација на нов тендер и Владата на РМ објави информација (https://vlada.mk/node/34465) со содржина накратко наведена подолу.


… Владата на 185-тата седница, донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот ППЦ-Архиродон (од Грција), а во согласност со тендерската документација.

… Избраниот понудувач има обврска во рок од 3 месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33% од акционерскиот капитал.

… Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. ХЕЦ Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад …

 

Во информацијава нема многу работи за кои јавноста би требало да биде запознаена. На пример, дали произведената електрична енергија (целосно или делумно) ќе ја користи РМ или ќе оди на отворен пазар? Дали на концесионерот му се дава плус како бесплатна концесија ХЕЦ Тиквеш со капацитет од околу 110 MW, а со тоа се дава и можност да остварува дополнителни приходи од овој систем? Итн.

Но поводот да го подготвам и да се објави овој напис е цената наведена во информацијата на Владата, се работи за износ од околу една милијарда евра за изградба на овој објект. Да направиме споредба со цената наведена во актуелни владини документи прикажани подолу:

  1. “Стратегија за развој на енергетиката во РМ до 2040 година“, објавена во 2020 година:

Цена: 550 милиони евра; капацитет: 458 МW, (1,207 милиони евра/МW);

  1. “Програма за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката 2021-2025 година“, 2021 г.:

Цена: 550 милиони евра; капацитет: 458 МW;

  1. “Капитални проекти“ публикација на ЕСМ, 2022 г., вебсајт на ЕСМ во септември 2023:

Цена: 550 милиони евра; капацитет: 458 МW;

Во информацијата на Владата е наведено дека капацитетот на ХЕЦ Чебрен ќе биде 333 МW (а не 458 МW). Ако ја пресметаме вредноста на објектот користејќи ја единечната цена од 1,207 милиони евра/МW (дадена во Стратегијата), тогаш соодветната вредност ќе биде:

333 МW х 1,207 милиони/МW = 400 милиони евра.

Владата вели дека избрала понуда од една милијарда евра, а според проценката (пресметката) во нејзината Стратегија цената би требало да биде околу 400 милиони евра. Разликата е огромна, не е 5 или 10%, туку 2,5 пати.

Се работи за факти, односно актуелни документи од Владата на РМ кои се содржани на сегашните вебсајтови. Да напоменам дека Стратегијата за енергетски развој на РМ ја има изработено МАНУ, а за потребите на Владата.

Потребно е Владата да даде образложение за огромната разлика во цената за изградба на ХЕЦ Чебрен. Можеби и МАНУ, кој ја изработил Стратегијата, треба да даде свое мислење за цената.

ХЕЦ Чебрен има огромна важност за енергетскиот систем на РМ. Има многу позитивни придобивки, но сега нема да дискутирам за тоа во овој напис. Покрај другото, постои консензус за изградба на оваа хидроцентрала од сите субјекти во државата. Но проектот мора да се спроведе коректно и на транспарентен начин.

Прифатената цена на проектот е една милијарда евра. Оваа информација веќе ја снема по два дена. А дали се сеќавате на милијардата на Циле? Тогаш настанаа многу политички турбуленции (и локални и меѓународни) од кои имаше големи последици. Отрпнавме дури и на милијарда евра. По “Бехтел и Енка“ навикнавме некако. А овие пари (задолжувања) ќе ги плаќа народот.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

17.09.2023

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK