Колумна на Бојан Христовски: Македонските затвори во улога на „Safe Haven” за терористи


Во текот на последната деценија светот се соочи со нов облик на тероризам чијашто идеологија произлезе од воените дејствија во Ирак и Сирија, првенствено во организација или со поддршка на терористичката организација ИСИС. Во налетот на тероризмот настрадаа дури и најсилните и најбезбедните европски центри. Имено, голем број европски метрополи беа мета на терористите, при што се истакнува дека во периодот 2014 – 2017 година во земји членки на ЕУ биле изведени дури 56 терористички напади во кои животот го загубиле 381 лице. Карактеристично за нападите е тоа што тие биле насочени кон таканаречени „меки цели“, односно без предупредување биле напаѓани невооружени цивили на фреквентни локации. Генерално, сите акти на тероризам во Европа биле организирани  или произлегле од актерите и поддржувачите на „Исламска Држава“, односно лица повратници од Сирија и Ирак или лица кои биле во непосреден контакт со нив.



Како извршители на терористички напади се истакнуваат и лица кои веќе издржувале затворска казна за активности во паравоената „ИСИС“ или други дејствија од позиции на насилен екстремизам и тероризам. На почетокот на ноември 2020 година, бевме сведоци на токму таков пример,  кога австрискиот државјанин со македонско-албанско потекло Кујтим Фејзулаи изврши терористички напад во Виена, под мотото „Исламската Држава останува и се шири“. Имено, тој претходно веќе издржувал затворска казна за обид за приклучување кон паравоената „Исламска Држава“.

Засегнатите држави, односно оние од каде што потекнуваат „странските борци“ и поддржувачите на антизападната политичко-идеолошка идеја на таканаречената „Исламска Држава“, а во насока на борба против тероризмот и сузбивање на насилниот екстремизам, беа принудени да извршат промени во нивното дејствување, преку носење на нови безбедносни стратегии, нови законски решенија како и планови и програми за рехабилитација и реинтеграција на терористи. Имено, покрај останатите субјекти надлежни за борба против тероризам и сузбивање на насилен екстремизам, голем дел од товарот го презедоа казнено-поправните установи, со што тие се соочија со нов и реален предизвик, а тоа е ресоцијализација на една релативно нова и специфична категорија на осудени лица. Покрај самиот процес на ресоцијализација кој треба да содржи и процес на дерадикализација и исклучување на насилство како метод, казнено-поправните установи се соочуваат и со предизвик во однос на сузбивање на радикализација помеѓу осудените лица. Опасноста од радикализацијата во затворите би ја истакнале преку случајот со германскиот државјанин со македонско потекло Филан Митрев кој во ноември 2019 година, заедно со уште 2 лица бил приведен, а подоцна и обвинет за подготовка на самоубиствен терористички напад во името на „Исламска Држава“. Карактеристично за овој случај е тоа што истиот претходно издржувал затворска казна, но не за тероризам туку за изнуда и физички напади. Во затворот, тој „го пронашол патот до верата“, преминал во ислам, се радикализирал и воедно станал поборник на „Исламската Држава“.