Ќе го „реши“ ли Зоран Заев и македонскиот народ?! – пишува проф. Митко Б. Панов


Интервјуто на премиерот Зоран Заев за Бгнес (25.11.2020) претставуваше демонстрација на искренoст пред бугарската јавност со што отворено ја манифестираше подготвеноста за откажување од македонската национална историја за возврат на пријателскoто одблокирање на почетокот на преговорите со ЕУ од страна на Бугарија. И тоа во име на „огромното мнозинство од целиот македонски народ“.



Заев и претходно повеќепати (10.09.2020, 11.10.2020) ја користеше препознатливата реторика, изразувајќи задоволство дека со Бугарија „решивме три поглавја, пет историски личности наназад“. Станува збор за веќе постигнатите договори во рамките на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која ги прогласи светите Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, цар Самуил за дел од „заедничката историја“.

Тоа беше легитимирано со одлуката на Владата од 9.07.2019 г. со која беше наложено при при секое официјално чествување на овие договорени личности „историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува“! (Митко Б. Панов, „Владата и комисијата ја кријат договорената “историска вистина со Бугарија,” Expres, 11.08.2019).

Оттаму, мерливоста на успехот на работата на комисијата не се заснова на научното дебатирање, туку исклучиво на утврдувањето на заедничките настани и личности од „бугарската историја“.

Прифаќањето на ваквата методологија за периодот пред 19 век и неантиципирањето на последиците од истата, го доведе македонскиот дел од комисијата во очекуван ќорсокак со Гоце Делчев, бидејќи неговото прогласување за дел од „заедничката историја“, ќе значи и признавање на неговиот бугарски карактер.

Дури и на Гоце да не му се припише идентитетска определба, со било која договорена формулација во комисијата тој ќе стане дел од „заедничката“ историја, со што повторно ќе добие бугарски карактер!

Политичката верификација на комисиските договори, евидентно станува главен предуслов за интеграциите на Република Македонија во ЕУ. Треба само уште да се „решат“ преостанатите поглавја од македонската национална историја од 19 век до 1944 г. и истите „правилно“ да се изучуваат за да обединуваат. Во таа смисла, Заев во интервјуто беше категоричен дека досега договореното во комисијата треба да се обелодени, бидејќи „треба да ги впишеме во учебниците”.